Тој додаде дека реалноста што ќе ја изберат граѓаните ќе треба да се прифати и повторно нагласи дека со референдумот треба да се одржат и предвремени парламентарни избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ги повика Владата и претседателот на државата да го поддржат процесот со иницијативата за референдум за Договорот со Бугарија и да не го опструираат преку собранискиот спикер, Талат Џафери.
„Време е Владата која се плаши и претседателот кој е многу исплашен да го поддржат овој процес и да не го опструираат преку Талат Џафери во парламентот, туку да дозволат најпрвин да се соберат тие 150 000 граѓански потписи, а потоа и да се оди на референдум, каде што граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја. Е тогаш ќе видиме каква ќе биде таа пропорција, дали е така или обратно“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посета на општина Сопиште.
Тој додаде дека реалноста што ќе ја изберат граѓаните ќе треба да се прифати и повторно нагласи дека со референдумот треба да се одржат и предвремени парламентарни избори.
„Затоа еве ги повикувам да се охрабрат и да излезат и да поддржат едно вакво референдумско изјаснување“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека добрососедските односи „се прв приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија“, но, додаде, дека во самиот Договор со Бугарија и од страна на источниот сосед во изминатите две и пол или три години нема ништо добрососедско ниту пријателско во односите.
Во однос на меѓународната заедница, Мицкоски посочи дека досега повеќепати повторил и оти пак ќе каже дека ја почитува и дека нема ништо против тоа што доаѓа како официјална позиција на Берлин, Вашингтон, Париз, Лондон, Брисел.
„Но, имам против тоа што доаѓа како официјална позиција на Софија затоа што таа позиција не е ниту добрососедска, ниту пријателска. И затоа да бидеме на сигурната страна, да бидеме овој пат самите тие кои што ќе одлучуваме, затоа повикувам на референдум“,
појасни Мицкоски.
Тој истакна дека пред да дојдат на позиција да зборуваат за референдум ги разгледувале сите можности како да се напушти овој, како што го нарече, хегемонски и асимилаторски договор.
„Постојат две опции, една опција е Владата без референдум да го напушти преку министерот за надворешни работи, а тоа нема да се случи. Знаеме дека оваа Влада тоа не може да го направи. И втората опција е со граѓаните на референдум, и затоа одлучивме да влеземе во оваа постапка на референдум. Претходно правевме многу анкети, многу мерења на јавното мислење и од тие анкети можеме да заклучиме дека огромен процент на граѓаните и тоа повеќе од 60 отсто од Македонците и повеќе од 50 отсто од граѓаните се изјаснија дека поддржуваат референдум и дека би излегле на таков референдум да гласаат“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека анкетите и јавното мислење на граѓаните се доволна навигација за ВМРО-ДПМНЕ и оти затоа се одлучиле да одат чекор понатаму, преку осмислување на прашање кое што доколку ги следи законите и собраниските процедури, Талат Џафери нема да биде во можност да го избегне со образложение дека Собранието не е надлежно.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска и официјално ја поднесе до Собранието иницијативата за собирање потписи и почнување на постапката за референдум.
„Јас го ополномоштив претходно координаторот на пратеничката група да ја достави до спикерот. Следен чекор е тој да ги информира двете собраниски комисии, Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија. Очекувам во рокот од два дена и тие да се произнесат дека иницијативата е уредна, да се гласа и да почнеме да ги собираме тие 150 000 граѓански потписи. А, нормално во рок од 60 до 90 дена потоа да се случи и тој референдум на кој што граѓаните ќе можат да се изјаснат. И тоа е врв на демократското право и врв на демократијата. Не би гледал зошто некој од меѓународната заедница би бил против едно такво изјаснување“,
нагласи Мицкоски.
Инаку, поранешниот премиер, Зоран Заев денеска излезе со тврдење дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е препознаен од сите граѓани на земјава и дека над 75 отсто од нив се против иницијативата за одржување референдум за негово поништување.
Неговите прогнози се дијаметрално спротивни со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ од каде што, повикувајќи се на нивни истражувања, велат дека над 60 отсто од Македонците би излегле на евентуалниот референдум за поништување на Договорот со Бугарија.