„Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка“, напиша премиерот на Фејсбук за телефонскиот разговор со Лутник истиот ден кога американскиот претседател ја соопшти одлуката да ги паузира царините за повеќето земји на 90 дена, освен за Кина
Премиерот Христијан Мицкоски вчера имал телефонски разговор со американскиот секретар за трговија, Хауард Лутник.

За разговорот премиерот информира утрово, преку објава на својот фејсбук-профил, посочувајќи дека со Лутник се согласиле за развој на стратешкото и економското партнерство помеѓу Северна Македонија и САД.
Инаку, во текот на вчерашниот ден, кога Мицкоски разговарал со секретарот за трговија на САД, вест број еден беше одлуката на американскиот претседател да ги паузира т.н. реципрочни царини кон повеќето земји за 90 дена и да ја „казни“ Кина со дополнителни тарифи од 125 отсто.
Иако не го споменува овој момент во објавата, премиерот вели дека со својот соговорник потврдиле дека односите меѓу двете земји се цврсти, а тој од своја страна истакнал дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за македонската влада.
„Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка“,
пишува премиерот во објавата, во која за Лутник вели дека пријател на Македонија и докажан поддржувач на нашата земја, кој веќе еднаш го посети Скопје.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека ги зголемува царините за Кина на 125 отсто, додека за другите земји ги замрзнува на 10 проценти на 90 дена, оставајќи простор за преговори.
Во објавата на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), а и потоа во изјава за новинарите американскиот претседател рече оти одлуката е во насока да им се даде шанса на земјите кои не возвратиле на неговите царини да постигнат договори со САД. Кажа дека повеќе од 75 земји побарале да преговараат за тарифите.
„Врз основа на фактот дека повеќе од 75 земји контактирале со претставници на Соединетите Американски Држави, вклучувајќи ги министерствата за трговија, финансии и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, за да преговараат за решение на темите што се дискутираат во врска со трговијата, трговските бариери, царините, манипулацијата со валути и немонетарните тарифи, и дека овие земји, на мојот силен предлог, не возвратиле на ниту еден начин, форма или облик против Соединетите Држави, јас овластив 90-дневна пауза и значително намалена реципрочна тарифа за време на овој период, од 10 отсто“,
напиша Трамп.
Подоцна вчера, тој изјави дека одлуката за паузирање на царините, со исклучок на Кина, ја донел дента рано наутро (според американско време) по состанокот со секретарот за трговија Хауард Лутник и секретарот за финансии Скот Бесет, пренесе Си-ен-ен.
„Тоа беше напишано од срце. И мислам дека беше добро напишано. Напишано е како нешто што мислам дека е многу позитивно за светот и за нас. Не сакаме да им наштетиме на земјите кои не треба да бидат повредени и сите тие кои сакаат да преговараат“,
изјави американскиот претседател.
Инаку, една од државите кои разговараат со САД за тарифите е и Северна Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски во неделата (6 април) изјави дека Владата била во постојана комуникација со САД. Тогаш кажа и дека за многу скоро очекува добра вест за македонските граѓани и македонската економија. Трамп ѝ стави на земјава една од повисоките тарифни стапки – 33 проценти.
Потоа, како дел од целиот процес од наша страна, Мицкоски посочува дека предложил да се потпише договор за слободна трговија со САД и да нема царини, ниту од едната ниту од другата страна.
Претходно во интервју за ТВ Алфа премиерот рече дека царините од САД биле очекувани и оти предложил да се потпише договор за слободна трговија со САД и да нема царини, ниту од едната ниту од другата страна.
„Дадов налог нашите надлежни институции да видат дали можеме да потпишеме ваков договор согласно важечките договори. Истото му го предложив и на државниот секретар за трговија на САД, Хауард Лутник“,
изјави премиерот на 3 април.
Инаку, Лутник беше во посета на земјава во јули лани заедно со бизнисменот со македонско потекло Крис Павловски и Девин Нуњес, тогаш претставен како директор на „Трамп корпорацијата за медиуми и технологија“. Лутник тогаш беше дел од тимот советници на Трамп, а по изборите и инаугурацијата беше назначен за секретар за трговија на САД.