Комората, како што посочи тој, ќе бара тие средства да бидат достапни по прифатливи услови, потенцирајќи дека е клучно да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може да се пренаменуваат без согласност на бизнис-заедницата во социјални трансфери на крајот од годината
Друго прашање кое Комората ќе го постави како барање пред Мицкоски е ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“, американско-турскиот конзорциум што ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, да се вклучат повеќе македонски компании во реализацијата на проектот
Премиерот Христијан Мицкоски в четврток ќе оди во Стопанската комора на разговори околу заемот од Унгарија од кој половина или 250 милиони евра треба да бидат наменети како поддршка за компаниите.

Ова денеска на прес-конференција по состанокот со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, го соопшти претседателот на Комората, Бранко Азески, кој потврди дека се во контакт со Владата во врска со кредитот.
„Во четврток премиерот ќе го изнесе тука, во Комората, своето гледиште за тоа прашање. Нас не нè интересира ништо друго, туку да дојдеме до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности, но тоа прашање не треба да се селектира, туку треба да биде поставено во пакет што ќе значи подобрување на општиот деловен амбиент кај понудата која е многу значајна за развој на иновативноста, ефикасноста и извозот кои, пак, се алфа и омега за опстанок на државата“,
рече Азески, прашан дали некои од членките на Комората ќе земат од понудените 250 милиони евра од унгарскиот кредит и кој е ставот на Комората во однос на условите.
Одговарајќи на прашањето, Азески рече дека на средбата со премиерот од Комората ќе ги изнесат своите барања.
Што ќе бара Комората од Мицкоски
Комората, како што посочи тој, ќе бара тие средства да бидат достапни по прифатливи услови, потенцирајќи дека е клучно да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може да се пренаменуваат без согласност на бизнис-заедницата во социјални трансфери на крајот од годината.
Друго прашање кое Комората ќе го постави како барање пред Мицкоски е ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“, американско-турскиот конзорциум што ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, да се вклучат повеќе македонски компании во реализацијата на проектот.
„Еве јавно ќе кажам што ќе каже Комората во четврток, дека ние ќе бараме средства кои под тие услови се за нас прифатливи, да го поддржат бизнисот. Второто прашање е да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис-заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината. Третото прашање е, ако се прави ревизија на договорот со ‘Бехтел и Енка’, да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација“,
рече Азески.
Последното прашање што ќе биде поставено како тема од Комората, според нејзиниот претседател, ќе биде елиминирање на сите прашања што бизнис-заедницата ги наметнувала во изминатите 10 години, а не биле решени.
„И наместо да правам десетгодишна панихида, конечно да ги решиме. Мислам на член 218 од Законот за извршување, на парафискалните давачки, на прашањата врзани за холдингот, за регулаторната гилотиња, недела – неработен ден. Мислам и на прашањата врзани за многуте неработни денови што создаваат проблем во работењето на компаниите. Тоа се за нас прашања што треба сериозно да бидат наметнати и земени како пакет. Поединечно гледано, нема да создадеме подобар амбиент, ќе создадеме решавање на моментална ситуација во која фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, што е и нормално, не да видиме амбиент во кој државата ќе ја има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без мешање на државата и на тој начин ќе овозможи поинаква ситуација на новосоздадени вредности“,
рече претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Ревизија на „недела – неработен ден“
На новинарска забелешка дека ако Комората бара ривизја на недела – неработен ден, ќе биде „изедена од синдикатите“, Азески одговори:
„Баш би сакал да се видам со синдикатите, бидејќи не се дојдени тука… Мислам дека е дојдено време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа со нив имаме свои аргументи. Ние не ги криеме аргументите, ги изнесовме јавно, тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер, после шест месеци, година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се коригира или треба сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за коишто зборувам не е направена, а тие директно брцаат во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас“,
изјави тој.

Според него, единствено зголемувањето на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста, може да доведе до напредок на државата.
„Ние бевме задолжени да ги предложиме критериумите по кои ќе се прави тоа и нашиот став, ние ја завршивме таа работа, ја известивме Владата за тоа, нашата заложба е еднаква на оние стратегии што долги години Комората ги има и презентира во јавноста – зголемување на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста е единственото нешто што може да доведе до напредок на државата. Тоа значи дека сите треба малку да подработиме на тоа да се намалат трошењата и со тоа да се намалат цените, да бидат конкурентни тие производи зашто тие пари што ние ги имаме земено досега некој треба да ги враќа, а министерката рече дека ќе си одат младите, и ако им понудиш пари што се помалку од таму каде што одат, тука патриотизам и љубов нема. За интереси никој не може да задржи никого. Ние ќе ги задржиме ако создадеме услови подобри од таму каде што одат. Така што, за мене тоа прашање е чисто, јасно, разјаснето, расчистено. Се работи за пазарни услови под еднакви можности за секого“,
рече претседателот на Комората.
Развоен Буџет немало од 1992 година
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ребалансот на Буџетот што го објави Владата, Азески рече дека развоен Буџет сме немале од 1992 година.
„Развоен Буџет немаме видено од 1992 година и тука мислам дека е излишна секаква дискусија“,
кусо изјави тој.
Во врска со вчерашната најава на премиерот Христијан Мицкоски во интревјуто за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма дека на следната владина седница ќе се формира ад-хок тело кое ќе испитува „како претходната влада поделила 100 милиони евра без критериуми за наводна поддршка на компаниите во време на ковид-кризата“, Азески рече дека тоа е политичко прашање.

Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија, како што посочи тој, е нула толеранција.
„Ова е политичко прашање. Македонија има три диспаритети. Едниот е меѓу капиталот и трудот. Капиталот, односно сопствениците, мислат дека работниците не работат доволно, обратно, тие мислат дека не се доволно платени и тоа егзистира. Второто е, диспаритетот меѓу активното и издржуваното население за кое сите знаеме како се рефлектира, ја одржува сивата економија на високо ниво. Трето прашање, ова што го поставивте, значи дека треба да продолжи континуитетот на правната проблематика и правните прашања за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, тоа е друго прашање. И за тоа треба да постојат институции што тоа ќе го санкционираат. Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија, тој корпус прашања е толеранција нула“,
рече Азески.