На вечерашниот протест, опозицискиот лидер, од импровизираната говорница пред МИОА, набројуваше примери на раваншизам против неистомисленици на власта, но не посочи конкретни имиња или институции на кои се однесуваат случаите што ги наведе
Власта се пресметува со политички неистомисленици, кои се соочуваат со откази, прераспределувања на несоодветни работни позиции, мобинг…, тврдеше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест, уште еден од низата што ги одржува опозицијата по изборот на новата Влада.
На вечерашниот протест насловен „Стоп за реваншизмот и теророт на мафијата“, Мицкоски, од импровизираната говорница пред Министерството за информатичко општество, кое тој го нарече „министерство за тортура“, набројуваше примери на раваншизам против неистомисленици на власта, но не посочи конкретни имиња ниту институции на кои се однесуваат случаите што ги наведе.

„Татко на три деца останал без работа зашто одбил да гласа за СДСМ на изборите на 15 јули; самохрана мајка е избркана од работа затоа што одбила да земе членска книшка на СДСМ; работник е преместен од Скопе во Кичево, на ископ на јсаглен, затоа шти јавно кажал дека Зоран Заев е криминалец; му ги скратиле субвенците зашто излегол на протест; го дале на дисциплинска зашто се појавил во спот на ВМРО-ДПМНЕ…“,
набројуваше Мицкоски.

Тој рече дека има отпуштања, не само во државниот и во јавниот сектор, туку и во приватни фирми блиски до власта.
„Луѓе грамади плачат зашто власта им ги тероризира семејствата. Овој терор не зашто е силна мафијата, туку зашто се кукавици и ушлашени“,
истакна Мицкоски, најавувајќи нови протести на други теми.
И овој протест на ВМРО-ДПМНЕ, како и повеќето претходни, почна пред Министерството за правда, кое Мицкоски го нарече „министерство за неправда“. И овој пат, марширајќи кон МИОА, демонстрантите извикуваа „Оставка“, „Македонија“ и ја пееја „Едно име имаме“…