Одговорот на премиерот следува откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена изјави дека во текот на следната недела ќе упати повик за лидерска средба во Собранието на лидерите на најголемите политички партии
Лидерската средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми – вели премиерот Христијан Мицкоски за најавите на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, дека ќе упати повик за лидерска средба во Собранието. Мицкоски вели дека од тоа што го разбрал во јавноста е дека Филипче има некаков план или предлог и оти сериозните теми бараат сериозен пристап.
„Тој може да го соопшти тој план преку прес-конференција, но доколку цени дека и мене претходно треба да ме информира и запознае, јас сум секогаш тука. Сериозните теми бараат сериозен пристап“,
рече Мицкоски.
Претходно, вчера, министерот за здравство Арбен Таравари рече дека тој лично не знае што би правеле на лидерска средба кога институциите беспрекорно работат и оти тоа би било само губење време.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во четвртокот изјави дека во текот на следната недела ќе упати повик за лидерска средба во Собранието, на лидерите на најголемите политички партии на кои, како што рече, ќе им го презентира својот план, она што тој смета дека партиите имаат обврска да го направат за државата, настрана од сите коалиции.
На повикот на претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, за одржување средба на лидерите на најголемите партии во Собранието, вчера се произнесоа владејачката коалиција „Вреди“, движењето ЗНАМ, кое исто така е дел од владината коалиција, опозициската Левица, а реакција во врска со повикот имаше и ДУИ.