Сите заедно мора да работиме за напредокот и благосостојбата на секој еден човек и тој пат да обезбедиме иднина не е воопшто лесен, но јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да нѐ поколебаат и да застанеме зад вредностите во кои веруваме, порачува Мицкоски
Воскресението на нашиот Спасител е вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината. Нека оваа Пасха донесе духовна радост, мир и благослов во секое македонско семејство, порачува премиерот Христијан Мицкоски во честитка до верниците кои го слават Христовото воскресение – Велигден.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија е столб на нашата духовност и национален идентитет. Вашата улога во зачувување на верата, традицијата и моралните вредности е од непроценливо значење за нашето општество, порачува премиерот.
Во време на брзи општествени промени, технолошки напредок и глобален притисок врз традиционалните вредности, како што вели, Владата останува посветена на заштитата на корените на нашето општество и на создавање услови во кои семејството, моралот, воспитувањето и духовноста ќе бидат зајакнати.
„Живееме во тешки времиња на предизвици и искушенија, и сум целосно свесен дека многу наши граѓани ги мачат истите проблеми и грижи. Сакам да биде подвлечено дека ние, сите заедно мора да работиме за напредокот и благосостојбата на секој еден човек и тој пат да обезбедиме иднина не е воопшто лесен, но јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да нѐ поколебаат и да застанеме позади вредностите во кои веруваме“,
порачува Мицкоски.
На тој пат, вели Мицкоски, вербата во Бог и грижата за ближниот не се само лична определба, туку темел на едно силно и одговорно општество.
„Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество“,
додава Мицкоски.