Ваквото тврдење, Мицкоски го темели на предлог-измените во нормативниот дел на Уставот. Имено, освен измени во Преамбулата, предвиден е уште еден амандман кој се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците. Со него наместо досегашните 19 члена, тој би се зголемил на 43 члена. Од нив по 16 члена од редот на пратениците во Собранието би биле Македонци и Албанци (досега беа по седум), а по еден претставник би имале пратениците од редот на Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера излезе со нови тврдења околу тоа кои се мотивите и целите за отворањето на Уставот.

Во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со уставните измени власта меѓу другото се обидува да протурка и востановување, како што потенцира, дводомен парламент. Мицкоски оценува дека целта на уставните измени е да се промени устројството на Законодавниот дом и наместо еднодомно, како што е според актуелниот Устав, Собранието да има два дома.
Градејќи ја оваа теза, Мицкоски најпрво со критички тон се осврна до претставниците на меѓународната заедница кои во пресрет на изјаснувањето за уставните измени засилено ја посетуваат земјава. Тој забележува дека никој од нив не говори за ништо друго освен за вметнувањето на Бугарите во Уставот.
„Никој не зборува за пасошите на криминалците, никој не зборува од странците за прислушувањето обвинители и судии, никој не зборува за стотици криминални афери изминативе шест години, колку што е оваа влада. Денеска топ тема од тие коишто ќе дојдат во Македонија им се уставните измени. Јас ви гарантирам од она што го имам јас како искуство, да ги прашате, зошто, еве, Бугарите бараат да бидат дел од Преамбулата? Зошто? Јас еве разбирам да се плашат од асимилација, да се плашат од дискриминација, да нема почитување на човекови права. Ако е сето тоа така, вие имате 14 пресуди за Македонците во Бугарија од Судот за човекови права во Стразбур и нула за Бугарите во Македонија. Во Македонија вие имате 762 коишто велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, според пописот таков каков што беше“,
рече Мицкоски.
Во продолжение од емисијата, поставувајќи реторичко прашање, Мицкоски го изнесе тврдењето дека со уставните измени „де факто се прави дводомен парламент“.
„Зошто, еве сега да ги прашам, мораше суштината на амандманите да биде во парламент, зошто мораше да ја извадат таа суштина, кој ја бара од нив? Првиот чекор, првата фаза е потребата за отворање на Уставот. Се поднесува иницијатива, зошто мораше текстот на амандманите да биде дел од парламентарната процедура. Затоа што де факто таму се прави дводомен парламент со 43 пратеника“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа теза Мицкоски ја темели на предложената измена во нормативниот дел на Уставот.
Имено, во Предлог-иницијативата што ја усвои Владата и ја достави во Собранието се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот. Во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај овие, предвиден е уште еден амандман со кој се интервенира во нормативниот дел на Уставот, со кој се регулира составот на Комитетот за односи меѓу заедниците. Со измената се предвидува бројот на членовите наместо досегашните 19 члена да се зголеми на 43 члена. Според актуелното уставно решение, во Комитетот членуваат по седум претставници од редот на пратениците Македонци и Албанци и по еден член од пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Со новиот амандман, Македонците и Албанците добиваат по уште седум, Турците, Власите, Ромите, Срби и Бошњаците остануваат со по еден член, колку што се предвидува да имаат и оние од редот на пратениците Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.

„По која логика ги утврдија пропорциите?“,
праша Мицкоски.
На забелешка од домаќините новинари дека станува збор за измените што се предлагаат во Комитетот за односи меѓу заедниците, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дополни:
„…Да, да, во нормативниот дел од Уставот. Во кој заклучок на Европскиот совет или Преговарачката рамка пишува дека тоа мора да е тоа?“
На констатација од водителот дека со ова Мицкоски сака да каже дека власта ја злоупотребува процедурата за да вметне свои визии со државата, што е сериозно прашање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:
„Јас мислам дека тие не знаат што прават. Мислам дека дополнително ја отежнуваат работата, затоа што знаат дека се на заминување и некоја идна влада на ВМРО-ДПМНЕ, којашто ќе седне и ќе го решава овој проблем достоинствено, како што треба да се решава, ќе има потешка почетна положба… Убеден сум дека тоа им е тој маневар. Да имате вие претставник во Комитетот за меѓуетнички односи, тоа значи дека утре треба да имаме ден на Бугарите во Македонија… Да не рече утре (Румен) Радев (претседателот на Бугарија н.з.), чекајте, не сме ние 0,04 проценти, туку имате 150 000 пасоши, ние сме 9 проценти, па Бандентер, па Балансер, па обвинители, па судии, тоа е тоа, инаку вето.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на актуелната „тивкост“ на властите во Софија, која според него се должи на сугестија упатена до нив да се однесуваат воздржано додека трае процедурата за носењето на уставните измени во земјава.
„Властите во Бугарија се тивки сега затоа што така им е кажано, немојте сега за сега да бидете гласни, затоа што во Македонија треба да се решава работата. Дај да видиме ако можеме да ги убеиме ВМРО-вците некако, па после терајте, што треба да правите, правете. Отприлика ова е она купи ден продај. Таа е стратегијата, но нема да помине, јас им кажувам“,
рече Мицкоски.
Процедурата за уставни измени во Собранието почна на 25 јули, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Иако дебатата пред собраниската Комисија можеше да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако од името на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски го повтори ставот дека нема да поддржат уставни измени. Ниеден друг пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во расправата на комисиската седница.
За комплетирање на првата од вкупно три фази на процедурата за уставни измени, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот да помине на пленарната седница која ќе почне на 18 август, потребна е двотретинска поддршка (најмалку 80 гласа). Ако се случи тоа, процедурата ќе продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување нацрт-амандмани. Тогаш се доволни и 61 глас. Двотретинска поддршка повторно е потребна при третото гласање (фаза) – за предлог-амандманите.