Според Антонио Милошоски, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, освен за избори, треба да разговараат и за одговорите што Македонија ги има дадено до Софија и за за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата
Во ВМРО-ДПМНЕ досега не стигнала покана за средба на партискиот лидер Христијан Мицкоски со лидерот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски. Доколку поканата стигне, ќе биде прифатена само ако на средбата се разговара за предвремени парламентарни избори, изјави денеска пратеникот Антонио Милошоски.
„Таква покана сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицкоски да се разговара за предвремени избори, како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите што Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1 за кои ниту јавноста ниту Собранието, за жал, не се запознаени. Тоа е дел од невладината нетранспарентност“,
рече Милошоски.
Според него, треба да се се разговара и за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата, бидејќи Македонија и во регионот и во Европа е на, како што посочи, најниското 111-то место на индексот за борба против корупција.
„Под тие услови и доколку стигне покана, би биле сосема расположени да биде прифатена и да се оствари средба и разговор“,
нагласи Милошоски.
Мандатарот Ковачевски вчера најави дека ќе упати покана за средба со Мицкоски по изборот на новата влада, на седницата што треба да заврши до недела на полноќ.