Претседателот на опозициската партија вели дека се заблагодарил за поддршката од Хрватска за Македонија, а разговарале и за идните мостови на соработка помеѓу двете држави

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Блед (Словенија) остварил средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е претседател на сестринската партија во Хрватска, ХДЗ.
На средбата тие разговарале за соработката помеѓу двете држави, а договориле и соработка со тимови од партии за изработка на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за следните избори.
„На средбата се заблагодарив за искрената поддршка која Хрватска ја дава на Македонија и македонскиот народ во целиот период на развој на македонската демократија и пристапувањето кон евроатлантските организации. Разговаравме и за идните мостови на соработка помеѓу двете пријателски држави. Договоривме заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на изборната програма за претстојните избори“,
вели Мицкоски.
Средбата се одржана на маргините на Генералното собрание на Центристричката демократска интернационала (ЦДИ) на кое Мицкоски учествува заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Секретарот за меѓународна соработка Стефан Андоновски.