Спотовите на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања за парламентарните избори, се наметнаа како тема на дискусија во вечерашниот ТВ дуел помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Лидерот на опозициската партија, рече дека тие се во британски стил, сатирични и ја покажуваат реалноста.
„Ние само сакаме со нашите спотови, по малку во британски стил, да ја покажеме реалноста. Сакаме да испровоцираме во вас и во останатите да бидете подобри луѓе“,
рече Мицкоски одговарајќи на прашањето зошто влегле во лична пресметка со обвинителката Вилма Русковска и судијката Добрила Кацарска.
За нив, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ставот го кажал одамна и даде коментар за Русковска како може до неа да допрат спотовите, а сите гласови од снимките кои се појавуваа изминатиот период никако да допрат.
За снимките, пак, Заев, рече дека опозициската партија се крие зад портали и не смее да ги објави јавно.
„СДСМ секогаш кога имаше индиции тоа го правеше транспарентно од партиска говорница, спакувано и поднесено со кривична пријава. Апсолутно не се занимаваме со заткулисни игри, секогаш сме воделе транспрентни постапки. Разликата е јасна, кога сме имале, не сме се криеле зад портали туку сме го објавувале тоа директно, со име и презиме“,
рече Заев.