Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика и гласачите на останатите претседателски кандидати кои не обезбедија место во вториот круг од изборите, да ја поддржат нивната претседателска кандидатка во вториот изборен круг на 8 мај
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува во вториот круг од претседателските избори нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова да ја добие поддршката од Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, кој се тркаше во првиот круг од изборите за шеф на државата.

„Се слушнавме и со господинот Максим Димитриевски. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во Куманово. Очекуваме поддршка за нашиот претседателски кандидат од Максим Димитриевски“,
порача Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Аеродром.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика и гласачите на останатите претседателски кандидати кои не обезбедија место во вториот круг од изборите, да ја поддржат Силјановска-Давкова во вториот изборен круг на 8 мај.
„Ги повикувам сите гласачи на сите кандидати кои не влегоа во вториот круг да го поддржат идниот претседател, професорката Гордана Силјановска-Давкова затоа што на тој начин Македонија ќе биде повторно ваша, повторно горда, а не понижена, ограбена, како што е сега. Да одиме напред бидејќи сите одат напред, да не тонеме во политичкото мочуриште кое нè влече назад шест и половина години и да бидеме заробеници на неколкумина кои станаа милионери, а голтари влегоа во политиката“,
додаде Мицкоски.
Претседателскиот кандидат на Двиежењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, освои над 83 илјади гласа во првиот круг од изборите за шеф на државата. Тоа го позиционира на четвртото место според бројот на освоени гласови од сите седум претседателски кандидати во првиот круг од изборите. Од македонскиот политички блок, пак, Димитриевски е единствено зад Силјановска-Давкова и Пендаровски по бројот на добиени гласови.