Во оваа насока, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук ја објави и пресудата што ја добил за клевета
СДСМ овие денови води кампања со прикажување фотографии со луѓе кои ниту се мои соработници ниту, пак, освен сликањето имам каква било близина, напиша денеска на својот фејсбук-профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, откако пред два дена владејачкиот СДСМ на прес-конференција обвини дека лице блиско до него и до градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, било фатено како употребува наркотични средства во угостителски објект.
„Тоа е нивниот избор за дефокус од големите теми и водењето на перманентна црна кампања против мене која им се удира од глава секој ден“,
вели Мицкоски.
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, осудени се последователно неколкупати и тоа од ова нивно судство за ширење на лажни вести, клеветење и невистини.

Во оваа насока, Мицкоски на Фејсбук ја објави и пресудата што ја добил за клевета.

„Од истиот центар, но преку друг канал кој ги ширеше лажни вести, одново се осудени дека ме клеветеле невистинито, овој пат дека наводно сум купил и реновирал куќа во Козле од еден милион евра. Докажано е дека Бриф.мк лажеа и апсолутно ширеа невистини. Лажеа и кога еден вицепремиер од владата преку еден негов медиум правеше прилог пред куќата која ниту е моја, ниту вреди милион евра. На оваа и на милион други лаги, како онаа дека наводно сум поседувал куќа во Црна Гора, дека сум имал не знам какви бизниси и хидроцентрали, единствено гледам како на очаен обид да се деградира мојата личност и да се дефокусира вниманието од нивната неспособност. Колку тие се позлобни во лагите, толку јас сум помотивиран да ги поразиме, смениме и да ја изградиме Македонија“,
пишува Мицкоски на Фејсбук.
Според него, важно е да се создаде квалитетно општество базирано на принципи, вредности и морал.
„Важно е да има одговорност и да донесеме иднина“,
додаде тој.