Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ѝ верува на Комисијата за заразни болести, затоа што, како што вели, тие луѓе, колку и да се блиски до некоја партија, сепак, положиле заклетва
Со исклучок на претседателот на СДСМ Зоран Заев, повеќето лидери на партии кои во вторникот присуствуваа на лидерската средба кај шефот на државата се согласиле дека сега не е момент и дека е несериозно да се лицитира со датуми за избори, според тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христојан Мицкоски.
Во гостување на Телма, Мицкоски потенцираше дека на лидерската средба се разговарало за можноста за организирање предвремени парламентарни избори во периодот што претстои, но дека прво сите лидери дискутирале за најголемиот приоритет, а тоа е здравјето на граѓаните и здравствената криза во државата.
„Сите лидери на политичките партии, освен лидерот на СДСМ Зоран Заев, се согласија дека во моментов најважно е здравјето на граѓаните, а не предвремените парламентарни избори. Додека траеше лидерската средба сите бевме насочени кон изнаоѓање решенија околку пандемијата која ја снајде државата, додека пак Заев само одземаше и додаваше денови, кога да бидат организирани предвремените парламентарни избори”,
вели Мицкоски.
Според Мицкоски, за фер и демократски изборен процес потребно е и мислењето од Државната изборна комисија и ОБСЕ /ОДИХР, посочувајќи дека потребно е прочистување на избирачкиот список.
Мицкоски, во вечерашното гостување во „Топ Тема”, истакна дека верува во Комисијата за заразни болести, во капацитетот на техничката Влада и во институциите.
„Доколку тие ценат дека здравјето на граѓаните не е загрозено и ако сите ние имаме можност да водиме изборна и предизборна кампања без да го загрозиме здравјето на граѓаните, тогаш јас ќе ја чекам нивната оценка. Знам дека тие луѓе положиле заклетва и колку и да се блиски до некоја партија тие се грижат за здравјето на граѓаните“,
рече Мицкоски и додаде дека лекарите треба да кажат дали имаме елементарни услови да се одржи кампања, бидејќи во спротивно ќе има фејсбук кампања.