Тој додаде дека очекува со сегашните и идни партнери да разменат идеи, да настапат со документ и програма со која ќе излезат на изборите
Очекувам зголемување на коалицијата. Разговараме со многу политички партии, нашата стратегија е јасна. Ние формиравме Комисија за преговори со политичките партии и таа беше поддржана и изгласана и од Извршниот и од Централниот комитет. Планираме прво да разговараме со политичките партии од постојната коалиција и тоа ќе се случи во првата половина на февруари, изјави вечерва во своето гостување на 24 Анализа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Потоа, додаде тој, ќе разговараме со сите партии кои имаат желба, намера да пристапат кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ценам дека би требало да биде во втората половина на месец февруари. Во март да ја затвориме структурата на коалицијата со која ќе настапиме на следните претседателски и парламентарни избори. И потоа официјално да почнеме кампања“,
рече Мицкоски.
Мицкоски очекува со сегашните и идни партнери да разменат идеи, да настапат со документ и програма со која ќе излезат на изборите.
„И таа програма со која ќе излеземе на избори ќе биде и владина програма“,
дециден беше Мицкоски.
Тој се осврна и на издавањето на документи со новото уставно име на државата, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до Уставен суд за оценување на уставноста на законите поврзани со промената на личните документи.
„Како одговорна политичка партија цениме дека Уставниот суд е оној орган кој е највисок во државата и треба да даде свое мислење независно од мислењето на политичките партии. Ние како ВМРО-ДПМНЕ цениме дека тој има можност да интервенира веднаш имајќи го во предвид сето она кое што се случува во процесот на издавање на патните исправи и возачките дозволи. И цениме дека Уставниот суд доколку сака може веднаш, како тоа што го правел неколку пати во минатото, да се состане, и да донесе мерка со која што тој закон ќе го стави вон сила, а после некое време ќе ја цени и уставноста односно да ја цени иницијативата која што ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дадовме за да може да се намали тензијата“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски укажа дека според информациите со кои располагаат уште милион и 300 илјади граѓани треба да ги променат патните исправи, но дека во моментот има некаде околу 30 000 обрасци кои што ги има министерството, и 10 000 кои што се двојазични на албански јазик, што нема да бидат доволно, а нови се очекуваат да пристигнат дури во март.
„Според нашите информации некаде околу милион и 200 илјади патни исправи до овој момент се издадени отприлика од 2 милиони и 500 илјади колку што вкупно се издадени и треба да се променат согласно тој закон, што значи дека еден милион и 300 илјади треба допрва да се променат. Имајќи го предвид капацитетот, цениме дека е потребно најмалку година дена да се заврши процесот на сликањ на овие милион и 300 илјади Е сега тука се појавува уште еден предизвик со информациите со кои ние располагаме. Има некаде околу 30 000 обрасци кои што ги има министерството и 10 000 кои што се двојазични на албански јазик. Тоа значи дека сите оние моментално кои што се во процес на сликање, тогаш ќе се исцрпи капацитетот на моментално расположливите обрасци, а нови нема бидејќи тие ќе стигнат во март“,
изјави тој.