Не се поставува прашањето кој е победникот на 15 јули, туку колку ќе биде победата, а маратонот почна пред повеќе од две и пол години, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски денеска од општина Гази Баба.
„Внимателно чекоревме и не беше ниту едноставно, ниту лесно. Имаше и критика, ги слушавме критиките, но критика од близок не боли, туку те прави посилен, похрабар, а вие бевте нашиот мотив да бидеме подобри. За само 30 месеци успеавме да турнеме ваква ненародна власт. Првата битка ја добивме, следува втората, одлучувачката и таа е јасна – победникот е ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека се за една унитарна Македонија, без разлика на етничка припадност, но дека она што го прават СДСМ и Беса е „распарчување, ставање на маса на државата“ и дека против тоа се, рече, „сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи и сите останати“.
Пред граѓаните на Гази Баба Мицкоски кажа дека СДСМ се служи со лаги за повисоки плати, достоинство за младите, за земјоделците, а сликата, рече, е поинаква.
„Младите си отидоа, земјоделците се понижени, наместо правда и мир граѓаните видоа немир и неправда, Луј Вутон обвинителство и трас-трас судство“,
додаде Мицкоски.
Тој ги повика сите кои ги поддржуваат, но и оние неопределените, како и оние симпатизери на СДСМ, да бидат со нив.
Ајде прво да ја ослободиме Македонија, а потоа и вашата партија од овие луѓе. Дојдете со нас, тука нема разлики, ние се бориме против криминалците, против оние кои го хушкаат народот за да си делат тендери, да возат мајбах, а народот има една мака само како да врзе од први со први, како да го помине месецот“,
рече Мицкоски.