Прашан што ќе значат позициите на Стоиљковиќ за стратегиското позиционирање на државата во контекст на надворешната политика, Мицкоски рече оти промакедонска позиција значи и стратегиско ориентирање на државата, а тоа, како што вели, е силен партнер во НАТО и земја која еден ден ќе биде членка во Европската Унија
Секој член на оваа влада мора да има промакедонски позиции. Секој оној што ќе излезе надвор од оваа патека, без разлика на позициите, про или какви било, нема да биде повеќе дел од таа влада.

Ова, меѓу другото, беше одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на состав на новата влада, Христијан Мицкоски, на прашањето за изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, во контекст на обвинувањето на ДУИ за неговите проруски позиции.
„Наша заедничка татковина е Македонија и очекувам сите заедно дваесет и четворицата и сите оние стотици кои по вертикала ќе бидат избрани и именувани да имаат исклучиво само промакедонски позиции и да се борат за нивната татковина Македонија“,
рече Мицкоски во одговорот на прашањето.
Прашан што ќе значат позициите на Стоиљковиќ за стратегиското позиционирање на државата во контекст на надворешната политика, Мицкоски рече оти промакедонска позиција значи и стратегиско ориентирање на државата, а тоа, како што вели, е силен партнер во НАТО и земја која еден ден ќе биде членка во Европската Унија.
„За позициите на господинот Иван Стоиљковиќ не би можел со вас да се сложам, можеби ќе имате можност и со него да поразговарате и тој да даде свое мислење, но јас како мандатар и како иден претседател на владата очекувам од секој член во владата да има исклучиво протатковински, македонски позиции“,
дополни Мицкоски.
Одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е во контекст на обвинувањата на ДУИ кои преку фејсбук-статус ги изнесе експратеникот Арбер Адеми, оти Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, кој е номиниран за вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, има проруски позиции.
„Охридскиот договор првпат по 2001 година е во рацете на Србин со путинистичка осуда! Промената штотуку започна!“,
гласи објавата на Адеми.

На коментарот на ДУИ, пак, реагираа и од коалицијата „Вреди“, која ќе биде дел од новата владина коалиција.
Еден од лидерите од коалицијата, Изет Меџити, во објава на Фејсбук вели оти Стоиљковиќ не го добива Министерството за политички систем ниту за Охридскиот договор, туку дека е предложен министер за односи со заедниците. Овој министер, вели Меџити, не се занимава со правата на Албанците ниту ги ограничува или унапредува оти тие се заштитени и гарантирани со Уставот и Охридскиот договор.