Очекувајте, рече премиерот, дека кога станува збор за одговорност нема да има милост. По хируршки прецизна акција на институциите, како што рече, ќе има одговорност со име и презиме, без милост
Со едноминутно молчење во чест на жртвите од несреќата во Кочани, во преполниот прес-центар во зградата на Владата, започна денешната прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски.

Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но денес е убедливо најтешкиот ден во мојот живот. Со овие зборови премиерот го започна обраќањето до јавноста, прво по трагедијата во Кочани каде што во пожар во дискотека загинаа најмалку 59 лица, а над 150 се повредени.
„Во својот живот и во својата кариера сум се одлучил да работам принципиелно, одговорно, чесно и отворено, без разлика на ризиците и без разлика на последиците кои тие ризици можат да ги донесат на мојот животен пат. Влегов во политиката за да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии од секакви профили. Тој систем, ако не се сруши, оваа држава нема никогаш да ја биде. Тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении. Чувствувам длабока огорченост и одговорност за се што се случувало, сите изминати децении, како и од тоа што го видов досега и што не довело до вака тешка ситуација во државата“,
изјави Мицкоски на почетокот на своето обраќање.
Порача дека за се она што се случувало досега и се случува и натаму мора да има кривична одговорност за сите вклучени, без разлика од која институција, од кое ниво, од која партија или од која професија се.
Очекувајте, рече Мицкоски, дека кога станува збор за одговорност, нема да има милост. По хируршки прецизна акција на институциите, како што рече, ќе има одговорност со име и презиме, без милост.
„Потребна е демонстрација на морална одговорност. Многумина ми велат ‘знае народот дека Владата нема вина во ова’. Дека е нова влада која влезе во коштец со проблемите таложени со децении и систем на корупција создаван децении наназад. Без разлика на тоа, ние мора да бидеме пример и мора да има морална одговорност. Јас по ова прашање немам дилеми и нема да калкулирам. На мене не ми е потребна власт по секоја цена, но јас сум тука да се борам и преку личен пример да покажам како сметам дека треба понатаму и што ако се откажеме. Тогаш, ќе дозволиме ли да победи корумпираниот систем? Секако дека нема да дозволиме“,
изјави Мицкоски.
Овој пат, додаде премиерот, или ќе нè биде или ќе престанеме да постоиме како држава.
„Само со одважност, доблест, личен пример и жртва може да се избориме и да го победиме злото – злото на корупцијата, злоупотреби на институциите, уништување на државата и уништување на сè што е правично и нормално. Зло во кое сите работеле и соработувале меѓусебе на штета на сиот нормален свет. Оваа трагедија е потсетник колку животот е кревок и колку малку е потребно за една обична ноќ да се претвори во незамислива загуба“,
додаде Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.
Премиерот најави дека во следните денови ќе бидат преземени низа активности кои, како што рече, ќе значат борба за оваа земја во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства.