Опозицискиот лидер објави на Фејсбук дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со шефот на државата, а од СДСМ му порачаа да се се договори сам со себе дали сака лидерска средба и во кој формат
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од претходниот состав присуствуваа на ланското – прво редовно годишно обраќање на Пендаровски пред Собранието, по неговиот избор на чело на државата, откако извојува победа над сегашната опозициска пратеничка Гордана Силјаноска-Давкова
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе се координира дали директно од собраниската сала ќе го следи второто годишно обраќање пред пратениците на претседателот Стево Пендаровски, откако партискиот лидер Христијан Мицкоски и денеска се обиде да влезе во нова преписка со него, оспорувајќи му го кредибилитет за организирање лидерски средби. Мицкоски, исто така, напиша на Фејсбук дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со Пендаровски.
„Во текот на денешниот ден треба да се координираме околу настапот на нашите пратеници на утрешните седници на парламентот“,
ни изјави заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, на прашање на „360 степени“ дали опозициската партија ќе присуствува на обраќањето на Пендаровски, закажано за утре во 12 часот.
На прашање дали е можно опозицијата годинава да го „бојкотира“ обраќањето на претседателот, со оглед на тоа што од самиот почеток не го оспоруваше неговиот легитимитет, Стојановска вели „ќе видиме, сѐ е можно“.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од претходниот состав присуствуваа на ланското – прво редовно годишно обраќање на Пендаровски пред Собранието, по неговиот избор на чело на државата, откако извојува победа над сегашната опозициска пратеничка Гордана Силјаноска-Давкова.
Денеска, еден ден пред првото обраќање на Пендаровски пред новиот собраниски состав, избран на 15 јули годинава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во нов статус на Фејсбук, му забележа на Пендаровски за доделувањето на мандатот на Зоран Заев за составување на новата влада.
„Стево Пендаровски го загуби кредибилитетот за организирање лидерски средби по низа скандали во неговото работење, вклучувајќи го и сведочењето на реисот и доделувањето на мандатот на Зоран Заев, без доказ за поседување парламентарно мнозинство“,
напиша на Фејсбук опозицискиот лидер.
Мицкоски уште еднаш нагласува дека не прифаќа средба кај претседател кој е без свој став или следи став на еден политичар.
Мицкоски, од друга страна, вели дека и натаму бара лидерска средба, на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, бидејќи, како што вели, јавноста и опозицијата не смеат да бидат целосно исклучени од тој процес. На средбата, според Мицкоски, треба да се дискутира и за, како што наведува: исклучително лошата ситуација со коронавирусот; потребата за техничка влада по дебаклите на Владата; екстремно лошата економска ситуација.
Пендаровски, кој во периодот на вонредната состојба и функционирањето на техничката влада, организира неколку лидерски средби, посветени на ковид-кризата и презакажувањето на парламентарните избори, вчера му одговори на Мицкоски дека не планира да биде организатор на нова лидерска средба.
Од СДСМ, пак, велат дека Мицкоски треба да се договори сам со себе дали сака лидерска средба, каква лидерска средба сака и во која форма да биде таа.
„Соочен со нов пораз од граѓаните во Штип, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторно е недоследен во неговите барања и ставови и не знае што да каже. Сведоци сме дека долго време нема воопшто изграден став за ниту едно клучно прашање“,
изјави Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.
Освен пленарната седница на која ќе се обрати Пендаровски, во Собранието утре почнува и нова седница, на чиј дневен ред, меѓу другото, е и дополнетиот буџет за 2021 година. Со оглед на тоа што вчера немаше кворум да почне пленарната расправа за законот за попис, во прво читање, не е исклучено и за оваа седница да биде потребна асистенција од опозицијата за обезбедување мнозинско присуство на пратеници во салата.