Меѓу соработниците на Трамп, од кои дел, како што кажа, очекува да добијат високи позиции во администрацијата на новоизбраниот американски претседател, а со кои разменил пораки утрово, тој ги спомена Хауард Лутник, Девин Нунес и Ричард Гренел
Ние како влада ја изразуваме големата поддршка на граѓаните на Соединетите Американски Држави (САД) кои во еден демократски амбиент донесоа правилна одлука и го избраа новиот претседател, а тоа е г. Доналд Трамп. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за тоа како гледа на победата на Трамп и што тоа ќе значи за Македонија, особено од геостратешки аспект.
Потсетувајќи дека утрово, преку објава на социјалните мрежи ја честитал победата на Трамп, премиерот рече дека честитки упатил и до неговите најблиски соработници од тимот, а со дел од нив разменил и неколку пораки.
„Им честитам на граѓаните на Соединетите Американски Држави за демократскиот изборен ден или изборен процес. Избраа напредок, избраа нешто што тие одлучија дека ќе им биде приоритет. Го избраа претседателот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав и не само на него туку и на луѓето кои се дел од неговиот тим. Разменивме по неколку пораки утрово“,
рече Мицкоски.
Премиерот потсети и дека дел од нив летово беа во посета на земјава каде што имаа средби со него и со половина Влада на „Илиденска“ број 2.
Меѓу соработниците на Трамп, од кои дел, како што кажа, очекува да добијат високи позиции во администрацијата на новоизбраниот американски претседател, а со кои разменил пораки утрово, тој ги спомена Хауард Лутник, Девин Нунес и Ричард Гренел.
„Знаете тука на почетокот на август месец или на крајот јули беа присутни г. Хауард Лутник, кого можевте да го видите како стои веднаш до семејството на г. Трамп на прес-конференцијата денеска. Г. Лутник е претседател на транзицискиот тим во којшто се пет члена, меѓу кои е и Дон Јуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потпретседателот сега веќе Џеј-Ди Венс, таму е новиот претседател на САД г. Трамп, таму е г-ѓата (Линда) Мекмахон. Претседател на тој тим е Хауард Лутник. Тој беше тука разговаравме за многу проекти, остана подолго време, комуницираме, денеска разменивме и по некоја порака. Исто така, г. Рик Гренел којшто очекувам исто така да биде дел од тимот на претседателот Трамп. Таму беше и Девин Нунез кој е поранешен конгресмен. Тој, исто така, беше дел од таа делегација којашто беше присутна тука. Моментално ги води компаниите на г. Трамп, ќе го видите денеска и него на бината исто така. Тука беше и човек со македонско потекло г. Крис Павловски сопственик на „Рамбл“, исто така искомунициравме од заднината на самиот настан во текот на денот од Мар-а-Лаго каде што и тие ги следеа резултатите. Така што имав комуникација би рекол во текот на утринските часови. Ја честитав победата“,
рече Мицкоски.
Во однос на изборот на Трамп, кажа дека очекува уште поголемо зајакнување на и онака исклучително добрите односи меѓу македонските и граѓаните на Соединетите Американски Држави.
Прашан за економската соработка што ја очекува за време на претседателствувањето на Трамп, премиерот кажа дека има одредени економски приоритети кои очекува да бидат уште повеќе зацврстени.
Инаку, „360 степени“ летово објави неколку текста во кои ја анализираше посетата на високите гости од САД на земјава и нивните состаноци со премиерот, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и половина Влада.
Посетата беше кон крајот на јули, а гости беа:
- Хаурад Лутник; основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald);
- Крис Павловски; основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“ (Rumble);
- Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.
„На средбата се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот, фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество. Исто така, беа разговарани повеќе можности за економска соработка во различни области во државата“,
соопштија тогаш кусо од Владата за средбата на која беа присутни половина од новинарите.
Истиот ден, само малку подоцна, премиерот Христијан Мицкоски имаше интервју на ТВ Телма. Таму кажа нешто повеќе:
„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Рамбл, која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација.“,
При патувањето на НАТО-самитот во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со уште еден близок човек на Доналд Трамп – Ричард Гренел. Еден месец подоцна Мицкоски и Гренел имаа уште една средба, овојпат во Скопје.
Гренел своевремено, беше в.д. директор на Националното разузнавање на САД, амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на Трамп за Балканот. Ја застапуваше идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово како начин на решавање на отвореното прашање.
Тој се смета за кандидат за висока извршна позиција во администрацијата што се очекува да ја формира Трамп, па дури се споменува и за можен државен секретар (министер за надворешни работи).
Него денеска во својата честитка за победата на Трамп директно го спомена министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој напиша дека со нетрпение очекува да соработува со Гренел.
„Честитки до претседателот Трамп за неговата изборна победа! Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена“,
напиша Муцунски во честитката на Фејсбук.