Мицкоски на митингот кажуваше и виц на сметка на премиерот Зоран Заев и неговото вчерашно учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Тој зборуваше и за зголемените трошоци за живот обвинувајќи ја власта дека не презема ништо
Односите со Бугарија никогаш претходно не биле полоши како што се сега, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Македонски Брод во рамки на предизборната кампања за локалните избори на 17 октомври.
„Вчера иако стана јасно по пораките кои ги добивме како држава, дека ЕУ со Заев на чело на државава станува далечна цел, а односите со Бугарија никогаш не биле полоши, сепак тој своите митинзи ги започна со пренесување на поздрави од ЕУ, бидејќи само тоа и им остана“,
рече Мицкоски.
Мицкоски повторно кажуваше виц, овој пат на сметка на учеството на премиерот Зоран Заев на вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан.
„Се возеле во авион после Меркел, Макрон, Борисов, Јанша и Заев, кога наеднаш пилотот вели авионот се расипа, мора да го напуштиме истиот. Арно ама во авионот има само 4 падобрани. Го зема падобранот Макрон, и вели: ’Морам да ја спасам Франција, не смеам да завршам вака‘. После него истото и Радев го зема падобранот и вели: ’Морам да ја спасувам Бугарија, не смеам вака да завршам‘. Рипа и тој. Доаѓа редот на Зоран Заев зема и тој и вика: ’Јас морам да ја спасам мојата држава‘, не вели Македонија бидејќи тоа му е забрането. И, остануваат уште Меркел и Јанша. Меркел му вика на Јанша: ’Види јас сум во години, еве ќе се жртвувам и за Германија и Словенија, земај го ти последниот падобран и спасувај сè‘. Јанша ѝ вели: ’Има два падобрани, бидејќи Заев рипна со својот ранец‘. Ете така драги мои Заев се однесува како во оваа шега, со ранецот кој мислел дека е падобран, импровизаторски, формално, без суштина“,
зборуваше Мицкоски.
Тој зборуваше и ја обвинуваше власта дека ништо не презема во однос на зголемувањето на трошоците за живот. Сè – зејтинот, млекото, брашното, е поскапо, според Мицкоски. Ќе поскапат, вели тој, и струјата и горивата.
„Да ја пренесам загриженоста од инфлацијата која го јаде животниот стандард. Тоа е голема тема во ЕУ, а само тука во Македонија Заев сè уште нè лаже дека ќе донел 500 евра плата после 5 години власт. Може да каже дека ќе и 1 000 евра плата, но ако 2 000 евра се трошоците за живот, тоа е залудно. Сите цени се креваат на производите драстично се зголемуваат, а додека ова го говорам се поскапува цената на бензинот на светски берзи, ќе престои повторно зголемување на цената на бензинот и нафтата, а со тоа и продуктите во продавниците“,
рече Мицкоски.