Предложените законски измени за линеарно зголемување на пензиите вчера поминаа на владина седница, информираа од Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое е предлагач на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Очекувам најскоро откако ќе почне да функционира парламентот, да поминат измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и септемвриската пензија да легне на сметката на пензионерите зголемена за 2 500 денари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Македонска Каменица.
Владата на вчерашната седница даде зелено светло на овие законски измени, така што усогласувањето на пензиите ќе биде линерано, а не процентуално како досега, објасни премиерот.
Тој додаде дека прво од септември годинава ќе има зголемување од 2 500 денари, а потоа од март 2025 година уште 2 500 денари.
„Ние ветивме дека во првата година пензиите линеарно ќе бидат зголемени за 5 000 денари. Тоа ќе го направиме многу побргу, односно во првите девет месеци. Ќе видиме понатаму какви ќе бидат состојбите со буџетот,
нагласи Мицкоски најавувајќи дека понатаму може да има пријатни изненадувања за пензионерите, за работниците итн.
Предложените законски измени за линеарно зголемување на пензиите вчера поминаа на владина седница, информираа од Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое е предлагач на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според предлог-измените предвидено е линеарно зголемување на пензиите за 2 500 денари на 1 септември годинава и на 1 март следната година со цел, како што велат од Министерството, обезбедување пораст на животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за пензионерите.
„Поконкретнно, на 1 септември 2024 година сите видови на пензии остварени согласно овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2 500 денари и на 1 март 2025 година, сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година, се зголемуваат за 2 500 денари“.
информираа од Министерството за социјална политика, демографија и млади.