Нашата програма ја нарековме читанка и во неа е предвидено зголемување на платите од минимум 25 проценти за еден мандат, а пензиите ќе се зголемат за минимум 20 проценти, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хриситјан Мицкоски вечерва во обраќањето во Македонски Брод.
„Ќе го вратиме стариот закон за нивелирање на пензиите. Минимум 4 милијарди инвестиции домашни и странски. За секој оној што ќе вработи млад човек до 29 години – нула данок. Ќе реновираме болници, докторите да си ги вратиме дома. Да не бидеме извозници на здравствени работници. И 640 милиони евра субвенции за земјоделците и гарантиран откуп. И многу други работи ќе најдете во оваа читанка. Затоа масовно излезете и поддржете ја програмата за обнова на Македонија“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека доаѓа денот кога Заев и СДСМ ќе си заминат од Владата предводена од нив, а ова се финалните кругови на трката до 15 јули.
„Потоа заедно со вас ќе си ја обновиме државата онака како сме сонувале да биде. Онаква за каква нашите предци се бореле и за онаква каква што сакаме да им ја оставиме на нашите потомци. Затоа кога е најтешко, човек треба да е најсилен. Патот ќе биде полн со предизвици, мака, многу енергија, пот и залагање но, ние ВМРО-ДПМНЕ сме мотивирани. Ние сме победничката коалиција за обнова на Македонија. Затоа на 15 јули најпрвин да се заштитиме и да ги почитуваме препораките, а потоа од 7 часот да излеземе и да го заокружиме редниот број 14 – кој е победнички број“,
рече Мицкоски.