Договорите со Грција и Бугарија се реалност и лицемерно би било да ја игнорираме таа реалност, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Телма.
На прашањето дали тоа значи дека го прифаќа новото име и дека би бил премиер на „Владата на Република Северна Македонија“, Мицкоски рече:
„Јас секогаш сум кажувал дека не можете да ја игнорирате реалноста, бидејќи учествувате на избори и сте дел од новата Влада каде што постои новата придавка. Сме биле дел од парламент. Јас би бил лицемер и пред граѓаните ако кажам дека тоа не е така. Тогаш тие би рекле, па зошто тогаш учествуваш.. Ние сме дел од новата влада, имаме учесник во таа влада. Ќе изгледам несериозен, ако речам ова што е денеска е фикција и ние живееме во паралелен свет“,
вели Мицкоски.
Прашан дали доколку дојде на власт ќе бара измени во договорите со соседите, Мицкоски објасна:
„Сегашната ситуација во Македонија е реалност и да таа ја прифаќаме, затоа што сме дел од таа ситуација. Основно право ми е да се трудам да ја сменам таа реалност ако за нешто ценам дека е ускратено моето елементарно право или ценам дека нешто може да биде подобро. Нема да се сложам да преговарам дека Гоце Делчев бил нешто други освен Македонец, дека македонскиот јазик бил дијалект на бугарскиот. Нема да се откажам од моите сонародници во другите држави. Ќе се борам за нивните права“,
рече Мицкоски.