Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека 17 пати барал лидерска средба, а дека сега веќе не гледа причина да се разговара за односите со Бугарија, кога власта, според него, ја довела земјата во ќор-сокак
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави вечерва дека уште во 2019 година, кога почнаа да доаѓаат сигнали од Софија за можна блокада на нашата земја, побарал од државниот врв да се изгради национален консензус во однос на комуникацијата со Бугарија и процесот на интеграција во ЕУ.
„Тогаш ми велеа – нема потреба од тоа, Христијан. Тоа е поради локалните избори во Бугарија. Затоа сега не знам за што би можеле да разговараме по тоа прашање. Зошто да разговараме – за да ми кажат дека Бугарија не блокираше“,
рече Мицкоски, во вестите на Сител, одговарајќи на прашање дали би присуствувал на лидерска средба на која би се разговарало за проблемот со Бугарија, ако се има предвид и влошената комуникација на опозицијата со шефот на државата.
Мицкоски нагласи дека 17 пати барал лидерска средба, но дека сега веќе не гледа причина зошто би разговарал со премиерот Зоран Заев или со претседателот Стево Пендаровски за случувањата на релација со Софија, кога, според него, земјата е доведена во ќор-сокак.
„Јас немам комуникација со Заев. А, ако Пендаровски решил да му слугува на Заев и да прогласува вонредна состојба кога нему му одговара, јас не гледам зошто би градел добри односи со него“,
рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за пописот, односно за иницијативата што ја најави за поништување на законот за попис. Посочи дека се потребни минимум 10 илјади граѓански потписи за иницијативата да биде доставена до Собранието како предлог-закон. Рече дека не би се изненадил и ако парламентарното мнозинство реши да не го стави предлогот на дневен ред.
„Потребни се најмалку 10 000 граѓански потписи, но ние ќе собереме колку што можеме повеќе, затоа што не сме против попис како статистичка операција, туку сме против политички попис, за кој не се знае ниту методологијата според која би бил спроведен. Ако власта одлучи да не го стави на дневен ред законот за поништување на законот за попис, тогаш ќе се конфронтира со илјадници наши граѓани“,
рече Мицкоски во гостувањето на Сител.