Заев во петокот најави дека во вторник пред партиските органи ќе ја официјализира оставката на партиската функција
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека не сака да коментира дали премиерот Зоран Заев во вторник навистина ќе си поднесе оставка, а исто така не коментираше и околу евентуалниот нов лидер на СДСМ и мандатар за формирање влада со образложение дека тоа си е работа на социјалдемократите.

„Што се однесува до тоа дали ќе си даде оставка Зоран Заев не би сакал да коментирам затоа што многу пати во минатото кажал, па порекол. Оставаме на него да одлучи. Кажа неколку пати дека ќе направи многу работи, но за жал ништо не направи. Ајде да почекаме вторник, па ќе видиме што ќе се случува. Кој би очекувал да го замени? Па нели тој брифирал во новинарските кругови дека тој што ќе биде со него на средбата со Африм Гаши е практично човекот кој ќе биде и негов фаворит за претседател на СДСМ и иден мандатар. Тоа е она што го знам, ако очекувате нешто различно да кажам, јас не би сакал да се мешам во работата на СДСМ, тоа си е нивна работа, тие нека си донесат одлука како понатаму“,
рече Мицкоски.
Заев во петокот најави дека во вторник пред партиските органи ќе ја официјализира оставката на партиската функција. На средбата во петокот со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Заев се појави со заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, чие присуство во јавноста се протолкува како најава дека тој е наследникот на Заев во СДСМ и во Владата.
На прашање дали е можно СДСМ да ги подели функциите претседател на партијата и претседател на Владата, Заев рече дека, со оглед на искуството од минатото, тој лично смета дека двете функции треба да ги извршува една личност. Сепак, како што рече, одлуката и за тоа ќе ја донесат органите на партијата.
