Во однос на изборниот датум, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е за компромис, но дека не прифаќа ултиматуми
Не е легитимна уредбата на Владата, врз основа на која СДСМ тврди дека треба да се одржат избори на 21 јуни, доколку не биде продолжена вонредната состојба, која завршува на 30 мај. Ова го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, посочувајќи дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не гласал за уредбата со која беа стопирани изборните дејствија.
Мицкоски рече дека при првото прогласување на вонредната состојба во земјава опозицијата не била против затоа што се наметнала потреба од одложување на изборите, поради ситуацијата со коронавирусот. Потоа го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на вонредната состојба, што тој очекува да се случи на 30 мај, треба да поминат 60 дена до одржување на изборите, што се совпаѓа со термините што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на изборниот датум, Мицкоски, сепак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за компромис, но дека не прифаќа ултиматуми, како што рече, каков што е ултиматумот на Зоран Заев за избори на 21 јуни. Мицкоски вели дека нема информации за дипломатско посредништво за постигнување на консензус за изборите.
