Сопственикот на теретаната во објава на „Фејсбук“ вели дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се познавале од мали и дека тој го викал профа. Според него, теретаната е затворена од почетокот на заразата, а Мицкоски отишол таму за да ја усогласат програмата за исхрана и тренинг
Сопственикот на теретаната во која бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски овие денови, и покрај забраната за работа на теретаните поради коронавирусот, на „Фејсбукс“ објасни, според него, за што станува збор. Мирко Петровски тврди дека Мицкоски бил во неговата теретана, но не за да вежба, туку за да си ја земе опремата.
„Почекав да помине лудилото што вчера го зафати дел од медиумскиот простор и во врска со написите со мојата теретана, кој е личен мој бизнис, што го работам со децении и преку кој егзистирам јас и моето семејство. Во тој контекст, сакам да го истакнам следното: со Христијан Мицкоски или, како што го нарекувам, профа се знаеме од мали нозе. И тоа пријателство никогаш не се поврзувало со политика, која мене не ме интересира. Тој, како и многу мои пријатели, вежба во мојата теретана, се до почетокот на заразата со корона, кога јас, како и многумина од оваа бранша, ставивме клуч на врата. Но, тоа не значи дека моите контакти престанаа. Мицкоски дојде во тетретаната да си ја земе опремата и да ја усогласиме програмата за исхрана и тренинг“,
пишува Петровски на ФБ.
Тој вели дека Мицкоски си заминал по 30-40 минути, а од сето тоа, како што вели, одредени медиуми направиле тема.
„Дека сум работел, дека се вежбало и слично, без да ме прашаат за вистината која сега ја пишувам. Мојот телефон и секогаш јас како човек сум бил отворен за соработка и тоа го знае секој кој ме познава, така и ќе продолжам. А тие кои неосновано пишуваа за мојата теретана, очекувам да објават јавно извинување, во мера и обем како претходно објавената невистина. А до сите останати, а вклучително и профа, по пандемијата, се гледаме на тренинг“,
пишува Петровски.
Објавата на Петровски ја сподели и Мицкоски:
Видеото на кое се гледа како Мицкоски излегува од теретана вчера беше споделено на Твитер. „360 степени“ вчера побара коментар за видеото од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, но одговор не добивме.