Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави учество на неговата партија на предвремените локални избори закажани за 13 декември.
Тој во изјава за медиумите рече дека очекува голема поддршка од штипјани за кандидатот што ќе го предложи партијата.
„Кандидатот кој што ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ, очекуваме поддршка од сите штипјани, практично од сите оние кои што денеска се незадоволни од изминативе три години раководење на актуелниот министер за транспорт и врски, а поранешен за среќа на штипјани градоначалник, тоа е господинот Бочварски… ВМРО-ДПМНЕ очекува масовна поддршка од штипјани што впрочем и ќе значи нов ветар, нова енергија која што ќе ја навести и победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните локални избори кои што ќе се случат за помалку од една година од денес“,
рече Мицкоски.
Тој изјавата ја даде во Штип, каде заврши денешниот протест со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој започна во Скопје, каде демонстрантите се собраа пред Собранието, а потоа по новиот автопат „Гоце Делчев“ се упатија кон Штип.
Изјавата за учеството на изборите за градоначалник во Штип, доаѓа откако претходо немаше децидни најави од оваа партија дека ќе биде дел од претстојниот изборен процес во овој град.
Александар Пандов, кој неодамна беше именуван за раководител на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, пред една недела најави можен бојкот доколку, како што рече, нема услови за одење врата до врата, односно за кампања.
Мицкоски, пак, во последната изјава на оваа тема рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на локалните избори во Штип ако нема притисоци, уцени и закани, но ако почувствува дека процесот нема да биде фер тогаш нема да го легитимираат таквиот процес.