Тој вели дека во текот на овој месец друг инвеститор, што е со огромно учество во извозот, треба да се произнесе дали ќе ја проширува инвестицијата во земјава
Во завршна фаза се преговорите со компанија што во земјава ќе инвестира 350-360 милиони евра во делот на производство на батерии, најавува премиерот Христијан Мицкоски.
Компанијата, како што вели тој, е од многу моќна земја членка на ЕУ. Освен оваа, Мицкоски за годинава најавува дека ќе биде исклучително квалитетна во делот на привлекување странски инвестиции.
„Можам да кажам дека сме во завршни преговори со една компанија што доаѓа од моќна земја членка на Европската Унија, со којашто преговараме за инвестиција помеѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии, нешто коешто навистина претставува иднина не само во Европа, туку насекаде во светот“,
вели Мицкоски во интервју за МИА.
Тој вели дека во текот на овој месец друг инвеститор, што е со огромно учество во извозот, треба да се произнесе дали ќе ја проширува инвестицијата во земјава.
„Имаме и инвестиција на постоечки многу квалитетен инвеститор со огромно учество во извозот којшто во јануари треба да се произнесе дали ќе ја проширува својата инвестиција тука и тоа ќе значи многу за македонската економија. Ние сме во последен круг, во најтесен круг како држава заедно со една од сојузните држави на Соединетите Американски Држави. Ќе кажам, тоа е државата Пенсилванија. Значи, Пенсилванија и Македонија се во најтесен круг за оваа инвестиција. Работиме дневно на овој план“,
додава тој.
Мицкоски вели дека во моделот на привлекување се менува делот на законските одредби, стимулацијата, односно поддршката на странските инвестиции, но оти тоа нема да биде драматично различно од тоа што било досега, туку едноставно, како што појаснува, се обидуваат да го диверзифицираат тоа инвестициско портфолио во гранки што имаат висока додадена вредност.
„Но, она што е важно0 и што треба за нас да претставува предизвик каде ние ја гледаме македонската економија во овој сегмент за 10, 15, 20 години од денес, бидејќи ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции којшто започна пред, би рекол, еве можеби 20-ина години, сега веќе ги исцрпува своите можности, го достигнува својот пик, би рекол врв, и сега ние треба да видиме како би го диверзифицирале сето ова, целосното портфолио во иднина и каде во иднина ние ја гледаме македонската економија во делот на странските директни инвестиции“,
вели Мицкоски.