Протестот на ВМРО-ДПМНЕ со автомобили продолжува кон Штип
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на Денот на македонската револуционерна борба (Денот на ВМРО) излезе повторно на протести со автомобили и музика. Демонстрантите се собраа пред Собранието во Скопје, а по говорот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски се упатија со автомобили кон Штип.
Мицкоски рече дека сега државата е во најлоши услови од било кога и посочи дека земјата мора да ги почне преговорите со ЕУ, бидјеќи и ВМРО било создадено за таа европска иднина.
„Македонија даде илајдници жртви против фашизмот и крвавиот дел во комунизмот… Да не се заборави ниту пак улогата кога се распаѓаше Југославија, бегалците на кои им отворивме вратите. Македонија е браникот преку кој се бранеше Европа од мигрантските бранови кои сè уште се закана. Македонија дала и секогаш дава за Европа.Нашиот народ е секогаш прозападен. Сега, Европа треба да му врати на овој народ, преговорите да почнат безусловно и веднаш“,
рече Мицкоски.
Тој испрати и порака од Бугарија и им порача дека сигурно и тие не сакаат да имаат понижени соседи.
„Со мафијашка структура на власта на Заев не можете да се договорите и да мислите дека ќе одите напред. Третата порака која сакам да ја кажам дека е дека доколку биде прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла е Македонец, а по нација Бугарин, а нашиот јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа ќе значи асимилација на македонската нација и сериозен удар врз државата. Ако оваа Влада го прифати тоа, следната предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го поништи“,
рече Мицкоски во дел од неговиот говор.
Протестот на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со автомобили кон Штип, а по пристигнувањето на демонстрантите таму, се очекува уште едно обраќање на лидерот на партијата.