„Ако јас мислам дека е така (дека е прекршен Договорот од Преспа н.з.), ангажирам адвокати, почнувам процес и судот е тој којшто докажува“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со ставовите на грчкиот премиер Мицотакис за спроведувањето на Договорот од Преспа од страна на Владата на РСМ
Македонскиот премиер, сепак, изрази надеж и дека изјавата на Мицотакис во новинарското прашање не е правилно пренесена
Премиерот на Република Северна Македонија меѓу редови му порача на својот грчки колега да тужи во Хаг доколку смета дека е прекршен Договорот од Преспа. До ваквата изјава дојде по новинарско прашање до Христијан Мицкоски, кое гласеше:
„Премиере, грчкиот премиер вели дека Македонија нема ни чекор да направи во Европа доколку раководството не даде јасна изјава во врска со потпишаниот Преспански договор?“
Мицкоски првично се обиде да го заобиколи прашањето со изговор дека веќе го има кажано својот став и дека треба да зборува за теми кои се важни за граѓаните.

„Нашата позиција е јасна. Ете, ја пропушти можноста на два настани пред целиот свет да можеме да ги вкрстиме аргументите. Подготвен сум повторно ако треба, што направила Македонија, што направила Грција, да седнеме и да видиме. Нема проблем. Но јас би сакал да го оставиме минатото зад нас и да гледаме во иднината затоа што граѓаните очекуваат иднина, а во таа иднина се и добрососедските односи“,
кажа првично Мицкоски.
Но, во продолжението од одговорот Мицкоски сепак влезе подлабоко во прашањето. Прво додаде дека односите меѓу соседите се двонасочна улица. Па обвини дека соседите се навикнале на политичари безрбетници и дека актуелната влада не е таква.
За потоа да каже дека не се политичарите тие што судат дали Договорот од Преспа е прекршен или не.
„Не сме ние политичарите коишто судиме дали е прекршен некој договор или не. Има институции. Тоа се судовите. Договорот преспански, стои јасно, има инстититуција којашто носи пресуда дали е прекршен или не, а тоа е Судот за правда во Хаг. Сѐ додека ние политичарите коментираме судски одлуки, кажуваме кој прекршил, кој не прекршил, создаваме преседани. Кога еднаш ќе се создаде преседан во меѓународното право, тоа може да има глобални импликации. Не сум јас тој којшто суди, дали Мицотакис, Ципрас или некој друг по нив ќе го прекрши или не го прекршил Договорот. Ако јас мислам дека е така, ангажирам адвокати, почнувам процес и судот е тој којшто докажува. А со закани, со уцени, во 21 век, жалам, простете ми, не само што не сакам да се служам, туку истите ги отфрлам и навистина сум вчудоневиден од политичари коишто себе се претставуваат како европски политичари да се служат со ваков тип на закани и уцени“,
изјави Мицкоски.
На крајот на одговорот, сепак, Мицкоски кажа и дека се надева оти Мицотакис не дал баш таква изјава како што беше парафразирана во прашањето до него.