„Се навикнавме на таквите изјави на Али Ахмети, да биде фактор на нестабилност, со воинствена реторика да повикува на немири и нестабилност. Но, не мислам дека тоа може нешто да предизвика, зашто и Албанците и сите граѓани во земјава се свесни за сето она што го направија тој и тие неколкумина околу него во изминатите дваесет и повеќе години додека беа на власт“, вели премиерот
Али Ахмети секојдневно продолжува да биде фактор на нестабилност. Ова денеска на прес-конференција го рече премиерот Христијан Мицкоски, прашан да даде коментар на последната изјава на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека власта ги уништува сите досегашни постигнувања во државата, како и дека ако се допре Законот за јазиците сите Албанци ќе бидат на нозе, посочувајќи дека тоа негово однесување го загрижува и него како премиер, но и меѓународните фактори.
„Се навикнавме на таквите изјави на Али Ахмети, да биде фактор на нестабилност, со воинствена реторика да повикува на немири и нестабилност. Но, не мислам дека тоа може нешто да предизвика, зашто и Албанците и сите граѓани во земјава се свесни за сето она што го направија тој и тие неколкумина околу него во изминатите дваесет и повеќе години додека беа на власт“,
рече тој.
Премиерот претпоставува дека пораката на Ахмети се однесува на истите уставни судии што тој во Речица и другите на Бихаќска ги поставија во Уставниот суд.
„Законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд, а ако се погледне подобро, таму се луѓето што излегоа од тефтерчето на Речица и на Бихаќска. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и сега се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката“,
вели премиерот.
Прашан да даде коментар на тоа што ДУИ го обвинува дека ја злоупотребува државната позиција за да се заканува, Мицкоски вели дека нивното соопштение се однесува на неговата вчерашна изјава дека обвинители кога треба да реализираат акција против криминалци што биле на власт последните седум години, тие тогаш добиваат стомачен вирус, температура или настинка.
„Претпоставувам дека затоа се вознемирени. Тие се навикнати на обвинителите да им седат на глава. Вознемирени се и нормално е да упатуваат такви пораки. Инаку, јас никому не се заканувам. Тоа не е дел од мојот карактер. Кога го правам тоа, го правам без да го направам со закани“,
рече Мицкоски.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ од скопско Шуто Оризави вчеравечер рече дека ако се допре албанскиот јазик сите Албанци ќе се кренат на нозе.