Посочи дека би било неодговорно, несериозно и издајнички од негова страна ако каже дека македонското прашање е затворено
Не знам каде се препознале. Дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но, нема да навлегувам во таква дебата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по увидот на градежните активности на патот Катланово-Градманци, а одговарајќи на новинарско прашање што подразбира под македонско прашање откако официјална Атина го обвини за иредентизам, поради неговата изјава дадена пред македонската дијаспора во Њу Џерси.
„Македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија“,
рече тој.

Според него, Судот за човекови права има донесено плејада пресуди кои се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, а кои не се почитуваат.
„Зборуваме за 21 век, за земја членка на Европската Унија која не ги почитува човековите права на македонската заедница. И тоа претставува сериозен проблем. Во 21 век се уште е предизвикан македонскиот идентитет“,
вели тој.
Посочи дека би било неодговорно, несериозно и издајнички од негова страна ако каже дека македонското прашање е затворено.
„Не е затворено. Ќе се борам за македонското прашање се додека ја извршувам оваа премиерска функција бидејќи граѓаните тоа и го очекуваат од мене, од човекот која ја предводи македонската Влада“,
кажа премиерот.
Додаде дека во минатото имало влади на кои македонското прашање воопшто не им било приоритет, но дека граѓаните сега треба да се навикнат на влада на која прв приоритет ѝ е токму македонското прашање.
Мицкоски завчера пред македонската дијаспората рече дека треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено и тоа со векови тлее и трае и сè уште постои.
Од Министерството за надворешни работи на Грција, коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот, рекоа дека тој избрал да зборува за нерешеното и постоечко македонско прашање. Тоа, како што пишува во реакцијата, претставува провокација за Грција, но и обид да го врати во преден план прашањето кое е решено и, како што веќе е познато, дефинитивно и неотповикливо.
Вчера, коментирајќи ја реакцијата на грчкото МНР, Мицкоски рече дека се чуди од каде тие се почувствувале повикани бидејќи никој не бил споменат во неговата изјава и оти е зачуден од таквата нивна реакција.