„Планирам во следниот период да се сретнам со нив и да поразговарам. Сепак, ние на дневна основа решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани“, вели премиерот
Неколку деца што се повредени од пожарот во т.н. дискотека во Кочани, кои беа на лекување во Анкара, Турција, пред два-три дена на пат кон дома доживеале непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул.
За да се надмине проблемот, премиерот Христијан Мицкоски лично се заложил кај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел да се овозможи нивно непречено враќање во земјата.

„Лично разговарав со еден од родителите на децата, но и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Се среди целата работа. Дечињата дојдоа тука. Организиравме транспорт од аеродромот до болницата ‘8 Септември‘. Иако лекарите препорачаа еднодневен мониторинг, сепак тие на своја одговорност бараа да бидат пуштени од болницата“,
рече тој при денешната посета на Штип.
Посочи дека континуирано е запознаен и ја следи состојбата со родителите на трагично починатите, но и на повредените.
„Членови од мојот кабинет на неделна основа разговараат со родителите на починатите и повредените од пожарот. Планирам во следниот период да се сретнам со нив и да поразговарам. Сепак, ние на дневна основа решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани“,
кажа премиерот.
Според него, овој процес ќе трае со години и додаде дека ќе стори сè што може за семејствата на повредените и починатите.
„Цела Македонија се уште болува и ќе болува. Ова нема да биде болка што ќе престане. Но, мораме да ги решаваме работите, оти тие не можат сами по себе да решат. Свесен сум дека ќе има и такви политички структури што на лешинарски начин ќе се обидат на трагедијата на овие луѓе да соберат некакви политички поени. Но, граѓаните се тие што судат и носат одлуки “,
додаде Мицкоски.
Во однос на обвинувањата на опозицијата за селективна истрага, Мицкоски посочи дека истрагата ја води Обвинителството, а тој воопшто не се меша во нивната работа.
„Јас не се мешам во истрагата ниту, пак, сум се јавил или сум комуницирал со некој од Обвинителството. Не сакам да излезе дека премиерот врши притисоци. Брифиран сум од министерот за внатрешни работи за случувањата. Ова е прв приоритет за мене како премиер. Апелирам до сите политички чинители да ги остават Обвинителството и правосудните органи да си ја вршат работата“,
рече тој.
Во пожарот што утрото на 16 март избувна во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 се повредени. Голем дел од повредените, особено оние со потешки изгореници, беа испратени на лекување во странство.
Изминатиот период тие се враќаат во земјава и закрепнувањето го продолжуваат под надзор на домашните медицински тимови.