Премиерот Мицкоски пред пет месеци, дента кога беше избрана неговата влада на 24 јуни, во интервју за Телевизија 24 изјави дека ако има желба, Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени
Лага е дека сме барале промена на Преговарачката рамка, иако таа е катастрофа, најлоша, никој нема таква, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира последните најави од Брисел дека нема да има промена на Преговарачката рамка.
Во врска со гаранциите што тој ги бараше, дека ќе нема нови блокади за државата доколку се усвојат уставните измени, премиерот изјави:
„Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални преговори во Преговарачка рамка, не знам кој е тој. Единствената гаранција која ние ја дадовме е претставена кај нашите стратешки партнери и тоа е максимум што може да направиме во овој момент зашто и како народ и како држава направивме нешто што никој не направил, нема што повеќе од ова да правиме, ние како влада не можеме ништо повеќе од ова да правиме. Тоа е нашата црвена линија“.
Според него, ако некој во Брисел решил да биде заложник на некои политичари од средниот век, кои доаѓаат од членки на ЕУ, „нека нè остават барем да си ја решиме домашната задача“.
„Имаме целосно усогласена политика со ЕУ, не сме опасност, тие нека водат, ние ќе ги следиме, ако мислат дека не заслужуваме по принципот на дела, а не по принципот на билатерализација и прашања од средниот век, да бидеме дел од европското семејство, тогаш тоа е нивно право. Ние сакаме да бидеме, спремни сме да разговараме со секого, ако тие не се спремни ќе чекаме кога тие ќе бидат спремни“,
рече Мицкоски.
За потсетување, премиерот Мицкоски пред пет месеци, дента кога беше избрана неговата влада на 24 јуни, во интервју за Телевизија 24 изјави дека ако има желба, Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени.
„Ако има желба, Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени. Ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму, има можност за тоа, како и дека ќе бидат потребни гаранции дека нема да има дополнителни билатерални услови од Софија со посредништво на Европската Унија“,
рече тогаш Мицкоски.
Тој во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 рече дека кога ќе има политичка влада во Бугарија, подготвен е да преговара по најмалку три решенија.
„Имаме најмалку три креативни решенија за кои сум подготвен да разговарам кога ќе има политичка влада во Бугарија и за кои сметам дека можат да бидат излезно сценарио од целиот процес“,
изјави тогаш премиерот.
Веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во изјава за медиумите завчера го повтори својот став за С Македонија, дека од земјава очекува промена на Уставот за вклучување на Бугарите – ништо повеќе и ништо помалку. Тоа, како што рече Кос, е нешто на кое смета ЕК.
Прашана дали по усвојувањето на уставните измени би можело да се дадат гаранции дека земјава веќе нема да има блокади на патот кон ЕУ, Кос рече дека таа не е онаа што може да даде одговор на тоа прашање.
Во однос на тоа како може да се реши спорот со Бугарија, еврокомесарката рече дека треба да се разговара што е можно повеќе и со Скопје и со Софија.