Пендаровски продолжува да биде дел од хибридниот режим и заробената држава и одлучува мандатот да го даде на лице кое не учествувало на изборите, ниту ја побарало довербата, ниту има било каков народен легитимитет, порача Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува никаков пресврт во однос на политиките на Владата, која ќе ја предводи Димитар Ковачевски, на кој денеска претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на Влада.
„Од новото раководство на СДСМ и мандатарот Димитар Ковачевски очекувам продолжување на политиките на Зоран Заев, неуспеси и немање стратегија“,
рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Ковачевски нема легитимитет за да биде мандатар за состав на новата Влада.
„Продолжува заробената држава и хибридниот режим. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија со најголема пратеничка група во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најмногу градоначалници, три четири пати повеќе од СДСМ, со најмногу советници во општините, но ете Пендаровски продолжува да биде дел од хибридниот режим и заробената држава и одлучува мандатот да го даде на лице кое не учествувало на изборите, ниту ја побарало довербата, ниту има било каков народен легитимитет“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што очекува од новиот мандат и новата Влада.