Премиерот оцени дека би било чесно и доблесно државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски самиот да се повлече од функцијата
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека повеќе не би сакал да го коментира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, против кого Владата вчера наложи да се поведе постапка за разрешување.
Според Мицкоски, републичкиот јавен обвинител досега имал доволно можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против случаите со основано сомнение за сторен криминал.
„Но, очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше доволно време да покаже. За жал, таа доверба не ја оправда и сега Владата започнува еден процес кој веќе е започнат во парламентот, а во парламентот и ќе заврши“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Кавадарци.
Премиерот оцени дека би било чесно и доблесно Љупчо Коцевски самиот да се повлече од функцијата за, како што рече, да се скрати периодот од процедурата, и да се избере нов државен јавен обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во државата.
Владата на вчерашната седница го задолжи Министерството за правда да преземе активности и да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради, како што беше соопштено, разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности.