Станува збор за најавената расправа во Собранието за разрешување на пет члена на Судскиот совет што ги избира законодавниот дом. Според претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, член на Советот може да биде разрешен само од Советот
Премиерот вели дека ги разгледуваат сите законски можности и вели дека како Влада нема да прават нешто што е спротивно на законот и Уставот
Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, околу прашањето дали Собранието може или не да ги отповика членовите на ова тело кои се избрани од законодавниот дом.
Додека новиот претседател на Судски, Камбовски, вели дека единствено место каде член на Советот може да биде разрешен е самиот Совет, за премиерот е нелогично институцијата што ги бира да не може да ги отповика.
„Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика, посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето. Така што ги гледаме сите овие законски можности, се разбира ние како Влада нема да правиме ништо што е спротивно на законот и Уставот“,
изјави Мицкоски, кој денеска беше во касарната „Гоце Делчев“ во скопската општина Аеродром, каде присуствуваше на симулација на кибер хибриден напад.
Премиерот ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите за разрешување на членови на Судскиот и на Советот на јавните обвинители што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги истакнуваше уште во предизборието, а со идентична реторика продолжи и по формирањрто на Владата.
„Не, не ветивме, туку рековме дека тоа ќе биде една од мерките којашто ќе ја преземеме во борба на подобрување на работењето на судскообвинителскиот систем во државата, бидејќи сите ќе се сложите тој е на екстремно ниско ниво од два проценти. Сега ако ние седиме настрана и во публика само критикуваме, а ништо не преземаме тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните. Граѓаните очекуваат акција од нас“,
рече Мицкоски.
Откако Собранието кон средината на декември не го усвои Извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година, претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши информира дека пратениците ќе одлучуваат за разрешување на членовите на Советот избрани од парламентот и именување на нови на нивно место.
Станува збор за петмина членови на Судскиот совет, а за можноста за отпочнување на процедурата, според спикерот е уредена со Деловникот и ќе се води во Комисијата за изборите и именувањата.
„Негативниот извештај за Судскиот совет значи дека Собранието ги отповикува на некој начин. Тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот, значи во Комисијата за избори и именувања, како биле назначени, така ќе бидат и разрешени и така ќе оди повторното назначување на нови членови“,
рече Гаши на 26 декември во изјава по брифинг со новинарите.
Најавата на Гаши дојде додека Судскиот совет беше без претседател, откако Весна Дамева си поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека во изминатиот период, особено во последните месеци, од страна на одредени политичари од собраниска говорница се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Нејзиниот наследник на претседателското место, Александар Камбовски кој едногласно беше избран на 3 јануари, точно еден месец по оставката на Дамева, во неделното интервју за Радио Слободна Европа викендов рече дека единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет.
„На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет“,
рече Камбовски.
Рече оти смета дека идејата на претставниците на извршната власт за целосно распуштање на судскиот и на обвинителскиот совет не е добра, додавајќи дека ги прифаќа критиките за состојбите во правосудната сфера, но според него, одговорноста мора да има име и презиме.
„Сметам дека тоа не е добра идеја колективно да се разрешуваат колективните тела. Јас секогаш сум се залагал за индивидуална одговорност. Не може сè да ставиме во еден кош, не може да кажеме дека цел судски или јавнообвинителски совет не функционирал како што треба. Исто и за судиите, не може да кажеме дека сите судии не се добри, па треба сега сите да ги разрешиме“,
вели претседателот на Судскиот совет.
Најавите за разрешување на членови Судскиот совет наидоа на забелешки кај правните експрети кои сметаат дека потегот е протизаконски и неуставен, а жестоко реагираа и од опозицискиот СДСМ, од каде велат дека тоа е чекор кон целосна окупација на судството.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со Бадентерово мнозинство, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Еден од овие двајца кандидати мора да биде припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Членови на Советот по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие можат само да присуствуваат и да дискутираат на седниците, но немаат право на глас, односно да учествуваат во одлучувањето.
Собранието, според најавите, ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.