„Ние цениме дека пократок пат нема. Односно има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија. Бидејќи тие, на крајот, за идните генерации создаваат проблеми“, рече премиерот во обраќањето на самитот
Најави дека во јуни следува ново мерење на напредокот, на кое владата интензивно работи со цел да се задржи позитивниот тренд. За утре, пак, рече дека ќе има состанок преку видеоврска со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Самитот 2026, организиран од „Македонија 2025“ порача дека евроинтеграциите остануваат стратешка цел, но дека е клучен начинот на кој се стигнува до нив.

Порача дека владата ја избира потешката, но поисправна патека во процесот на евроинтеграциите, со цел државата да напредува преку испорака на резултати, а не преку компромиси што може да создадат идни проблеми.
„Како влада цениме дека покус пат до Европската Унија нема, односно има, но тој е полн со предизвици, кои најчесто се понижувачки и поради тоа го избираме потешкиот пат, со кој местото во Унијата ќе го заслужиме со квалитет и испорака“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашања за процесот на евроинтеграциите на Самитот 2026 на „Македонија 2025“, тој истакна дека секоја влада има различен пристап кон стратешката цел за членство во Европската Унија.
„Во зависност од тоа каква политичка идеологија имате, претпоставувам секоја влада има своја матрица на приближување и остварување на таа цел, на таа стратешка цел. Владата што јас ја предводам има поинаков пристап во споредба со претходната влада. Ние цениме дека пократок пат нема. Односно има, но тој пократок пат има свои предизвици. Најчесто тие предизвици се понижувачки. И затоа велиме: ако треба да одиме по потешкиот пат, ќе одиме по потешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија. Бидејќи тие, на крајот, за идните генерации создаваат проблеми“,
кажа тој.
Според него, процесот на евроинтеграции кај граѓаните создава повеќе фрустрација отколку откажување, но нагласи дека поддршката за членство во Европската Унија останува стабилна и треба да се задржи како стратешка определба.
„Одлучивме да одиме по потешкиот пат. Тој пат има цена, бидејќи често ќе се соочувате со критики, навреди и невистини, но тоа е цената што мора да се издржи. Достоинството нема цена“,
вели Мицкоски.
За разлика од институционалниот пристап, кој го нарече „бизнис ес јужуал“ („business as usual“) за европската бирократија, за земјата евроинтеграциите претставуваат клучно државно прашање.
„Достоинството нема цена. И затоа велам нема пократок пат. Ќе трпите и навреди, и критики, и честопати невистини. Најчесто и измислици, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Бидејќи треба да верувате во она што го правите. Јас лично верувам дека овој потежок пат е поисправниот пат. Можеби е побавен, изобилува, како што реков, со предизвици, но нема друг пат. И затоа мора да докажеме дека сме најдобри“,
кажа премиерот.
Со тоа, како што рече, иако патот е побавен и исполнет со предизвици, владата останува на ставот дека единствено преку реформи и испорака на резултати може да се стигне до членство во ЕУ.
Посочи дека државата бележи добар напредок во спроведувањето на реформската агенда, при што, како што истакна, 16 од вкупно 21 индикатор се веќе успешно завршени.
На самитот, Мицкоски оцени дека земјата во овој период е меѓу најдобрите во групата од шесте држави од Западен Балкан.
Најави дека во јуни следува ново мерење на напредокот, на кое владата интензивно работи со цел да се задржи позитивниот тренд. За утре, пак, рече дека ќе има состанок преку видеоврска со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман.
„Очекуваме да се приближиме до таканаречениот фронт ранер. Има една изрека, една реченица што некои од бирократите дипломатски ја употребуваат, Црна Гора ја нарекуваат фронт ранер. Јас се сеќавам, ние бевме фронт ранер пред седум-осум години и беше прашање само да смениме име, презиме и сè друго, па само што не сме влегле внатре. Но, еве, и по 25 години, пак сме на истото место, на маката на која бевме пред 25 години. Затоа треба да веруваме во себе. Тешко е тоа. Малобројни сме. Тешко е дека некој ќе ве забележи ако немате исклучително вреден квалитет и успеси. Тешко е, не е лесно, но мора да издржите во името на генерациите од минатото и во името на генерациите што следуваат. И јас немам друг избор во моментот, освен да издржам, но не да бидеме тврдоглави. Тоа не е добро. Да не бидеме тврдоглави. Да работиме, да испорачуваме. Акциски план за малцинства – испорачан, реформска агенда – први во испораката. Мора квалитет да покажете. Тогаш и најголемите ќе признаат, ќе симнат капа и ќе речат: ‘Овие го заслужуваат местото, дај да не се глупираме со имиња, презимиња, устави и слични работи‘“,
кажа тој.
Премиерот ја нагласи и важноста на поголема меѓународна промоција на државата, оценувајќи дека Северна Македонија мора поактивно да ја застапува својата позиција на глобалната сцена.
Претходно, Мицкоски рече дека инфраструктурното поврзување претставува клучен фактор за економски раст на државата, оценувајќи дека тоа е најголемата компаративна предност на Северна Македонија.
