Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека ќе се следи ситуацијата со коронавирусот за да се одлучи дали на 12 април треба да се одржат закажаните парламентарни избори или не.
„Денеска во телефонски консултации донесовме заеднички заклучок сите лидери на политичките партии дека заклучно со 22 март ги замрзнуваме сите активности кои што се поврзани со предвремените парламентарни избори. За тоа дали има логика и дали ќе се одржат, денеска се договоривме дополнително да ја следиме ситуацијата и да носиме заклучоци. Се разбира дека во овој момент тоа не е прв приоритет. Прв приоритет е како да се заштитат граѓаните, како да се зголеми превенцијата од ширење на коронавирус, да не се зголемува паниката меѓу населението, истовремено одржлива економска состојба да остане макроекономски план“,
рече Мицкоски додавајќи дека изборите се трет или четврт приоритет во моментов.
Покрај тоа да се стопираат активностите до 22 март односно да нема собири на отворен или затворен простор, Мицкоски вели дека во телефонските разговори лидерите се договориле ако има потреба да се состанат и на лидерска средба.