ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добиеше изборите, ако ги немавме тие естрадни политичари кои работеа против ВМРО-ДПМНЕ и мислеа дека ќе ја преземат партијата ако ги изгубиме изборите, за после да можат да преговараат со Зоран Заев за амнестија за она што го правеле во минатото, рече Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во штипската телевизија Стар.
„Ако имавме чесни избори ние денеска немавме да имаме вакви политичари, туку ќе имавме една нова Влада на ВМРО-ДПМНЕ која што немаше ова да го дозволи, затоа што СДСМ ќе добиеше дебакал на избори. ВМРО-ДПМНЕ не победи на изборите затоа што тие беа украдени и кога се менуваше изборен законик во последен момент, се делеа картички, хуманитарна помош, се случуваше злоупотреба на институции“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека во тој период бил под жесток притисок да ја напушти изборната трка, но свесно ја одбил таа опција, оти вели дека била во интерес на граѓаните.
„Останавме затоа што нас не чека прва меѓувладина конференција со ЕУ. Не смееме да оставиме флека во овој процес. И кога се случи дебакалот во ДИК повторно бевме под притисок да не ги признаваме тие избори. Денес ќе ми речат зошто сте ги признале, зошто сте во парламентот, но сме тука затоа што тоа е интересот на граѓаните и државата“,
рече тој.
Додаде дека во иднина, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи СДСМ и Зоран Заев, и им најави одговорност.
„Ќе ги победиме со се сите овие нивни естрадни политичари кои што работеа против ВМРО-ДПМНЕ и кои мислеа дека ако ВМРО-ДПМНЕ изгуби, Мицкоски ќе падне и ќе ја преземат партијата за да преговараат со Заев за амнестија за тоа што го правеле во минатото. А да не беше тоа така, ние денеска ќе зборувавме за една влада на ВМРО-ДПМНЕ и ќе зборувавме за справувањето со ковидот, за подобро образование и за сето она што е интерес на граѓаните“,
додаде Мицкоски.
Тој беше запрашан и за барањето за негова оставка од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ од страна на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
„Ние денеска наместо да зборуваме за 870 новозаболени, ние зборуваме за политички естрадни уметници кои во 12 после полноќ пишуваат полноќни статуси и сега наместо за ова зборуваме за тоа. Обичниот граѓанин не го интересира дали ќе има конгрес, обичниот граѓанин го интереси дали неговата работа е стабилна, дали ќе имаме помалку заболени од ковид дали ќе имаме помалку починати од ковид, дали ќе добијат соодветно образование, здравствена нега, дали земјоделецот ќе добие навреме субвенции и откуп. Тоа се суштинските работи“,
вели Мицкоски.
Претходно, Јанчев претставувајќи се како претендент за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, преку својот фејсбук-профил, повика на протест пред „белата палата“ во Скопје, со барање за оставка на Мицкоски. Подоцна, тој рече дека по консултација со Комисијата за заразни болести, протестот се откажува, но не отстапува од барањето за оставка на Мицкоски.