Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе замине од партиското кормило ако не формира влада по изборите, за чиј нов термин засега нема договор меѓу партиите
Христијан Мицкоски најави повлекување од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ ако не победи на годинешниве парламентарни избори и ако не направи Влада. Сепак, во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, тој потенцира дека е уверен во победа.
„За мене постојат два услови. Едниот е да победиме и вториот е да направиме Влада. Така што и двата услови не се условени. Доколку во кој било од двата не успеам, да – јас ќе се повлечам. И тоа сум го кажал досега“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е кандидат за пратеник на изборите, чиј нов датум не е одреден се уште, иако владејачкиот СДСМ инсистира тие да се одржат на 5 јули, односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Форумите на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, го номинираа партискиот лидер за мандатар за состав на идната влада, доколку дојфде до смена на власта.
Иако вели дека и тој би сакал веднаш да се договори терминот за одржување избори, Мицкоски изјави дека тоа е невозможно во овој момент поради големите бројки на новозаразени со ковид-19 во земјава.
„Уште утре сакам да дојдеме до датум, и оваа тригодишна пандемија на Заев да заврши, но во миговите кога броиме по троцифрен број на заразени, тоа е невозможно“,
рече Мицкоски.
Мицкоски смета дека некој треба да понесе одговорност за зголемувањето на бројот на новоинфицирани со коронавирусот и во вечерашното интервју остро ги критикуваше здравствените власти, посебно Комисијата за заразни болести.
„Цениме дека некој треба да сноси одговорност, бидејќи од денот кога се прогласи победа, кај нас не само што не се намали кривата, туку таа се исправи и соборуваме рекорди. Многу лоша и алармантна е ситуација, а никој, ама баш никој не сноси одговорност“,
рече Мицкоски, оценувајќи дека „Комисјата за зарзни болести е составена од директори на клиники и еден кандидат за пратеник, исто директор на клиника и Караџовски кој покажа повеќе политички способности отколку здравствени“.
Како што рече Мицкоски, во однос на изборите, СДСМ цело време повторува „5 јули и точка“, а тоа би значело дека за 10 дена треба да почне кампања, во ситуација кога има троцифрени бројки на заболени, а промашени се и роковите за повикуавње на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ предложила повеќе начини во врска со оваа ситуација и како таа да се надмине, но тоа било отфрлено и воопшто не беше дискутирано.
Тој го оцени како циркус инцидентот на Боемската улица во Скопје, каде што беше фатен во внатрешниот дел на една од кафеаните, спротивно на здарвствените протоколи.
„Секојдневно се менуваат протоколите. Затоа не ги знам“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека додека ручал со пријателите дошле голем број на полицајци, како во објектот да се наоѓал терорист.