Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва едногласно го поддржале лидерот на партијата Христијан Мицкоски да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на партијата за идни министри, односно заменици или дополнителни министри во техничката влада. Исто така, Мицкоски едногласно бил поддржан и да биде кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12 април.
Ова вечерва го соопшти генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, по седниците на највисоките партиски тела нагласувајќи дека целта на оние што од опозицијата ќе влезат во техничката влада ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои ќе се одржат на 12 април.
Истакна дека имаат кандидат за министер за внатрешни работи, но не сакаше да кажува имиња.
„Секако дека имаме и не само за министри за внатрешни работи, но сепак да почекаме, еве лидерската средба е закажан за неполн ден од денеска, така што би почекале да се одвиваат сите овие разговори и преговори во следните неколку дена и секако дека ќе имате можност да разберете за кого станува збор“, рече Јанушев.
Во врска со споменувањето на имињата на Андоновски и Георгиевски за министерската позиција во МВР, Јанушев истакна дека не сака да ги подига шпекулациите во однос на ниту едно од имињата.
ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада ќе треба да предложи министри за внатрешни работи и за труд и социјална работа, како и заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.