Дипломатска офанзива и разговори на тема уставни измени имаме цела година, не е тоа нешто ново за што претпоставувам дека ќе разговараме. Би бил разочаран ако тоа е единствено нешто за што овие тројца високи гости дошле во Македонија, вели Мицкоски

Ако само уставните измени се тема на состанокот со тројцата министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, Александар Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, за којшто нема дневен ред, не само што ќе бидам разочаран туку истовремено ќе бидам и навреден, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За средбата, која треба да се случи попладнево, и за тоа што ќе им каже, Мицкоски не дава конкретен одговор.
„Дипломатска офанзива и разговори на тема уставни измени имаме цела година, не е тоа нешто ново за што претпоставувам дека ќе разговараме. Би бил разочаран ако тое е единствено нешто за што овие тројца високи гости дошле во Македонија. Ако навистина го почитувате овој народ и ако навистина ѝ посакувате европска иднина и перспектива на Македонија, тогаш малку повеќе ќе посветиме внимание на криминалот и корупцијата, отсуството на реформи, катастрофата во образовниот систем, катастрофата во здравството, лошата состојба на земјоделците, иселувањето на младите“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната средба во Занаетчиската комора.
Тој додаде дека е подготвен со секого да разговара за да се подобрат состојбите во овие области.
„Ако некој доаѓа овде да разговара само на тема уставни измени, тогаш навистина ќе бидам разочаран, но истовремено и навреден како граѓанин на Македонија бидејќи на сите анкети граѓаните на Македонија уставните измени не ги ставаат ниту на првите приоритети“,
рече Мицкоски.
На темата за средба со владејачките партии и договор за уставните измени, Мицкоски рече дека со власта може да се договори само за една работа, а тоа е терминот за предвремените парламентарни избори. Според него, повеќе од една година за власта проблем е политичарот Христијан Мицкоски.
„Политичарот Христијан Мицкоски го имаа на маса, имаа една година време да најдат еден кој ќе гласа за уставните измени, има неколку решенија кои им ги понудив изминатата година, сите тие ги одбија и сега имаат на маса само една работа: а тоа е да седнеме и да се договориме за терминот за следните парламентарни избори. Сѐ останато е во делот на рибарските приказни, односно лагите и фантазијата на овие луѓе коишто уште малку време ќе бидат дел од македонската влада“,
рече Мицкоски.
На прашањето зошто смета дека треба да има избори, Мицкоски рече дека тие се потребни затоа што власта не ги решава проблемите и потребите на граѓаните и дополнително ги усложнува и проблематизира.
„Цениме дека во актуелната состојба во којашто Македонија се наоѓа денеска не само што не ги решава проблемите на граѓаните и потребите на граѓаните туку и дополнително ги проблематизира, ги усложнува и цениме дека Владата наместо да решава проблеми, станува најголема пречка, односно станува самата по себе најголем проблем. И кога вие имате еден таков проблем, тогаш логично е да тој проблем го решите на еден начин, тоа е да ја замените, односно тој проблем да го решите така што ќе дојде некоја влада којашто наместо да создава проблеми, проблемите ќе ги решава“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, колку побрзо има избори, толку помалку проблеми ќе има идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за нивно решавање.
„Очекувам дека конечно ќе се свестат луѓето во владата и конечно заеднички ќе излеземе со еден состанок на кој ќе ја дефинираме датата за следните избори“,
кажа Мицкоски.
Тројца министри на три земји членки на ЕУ дојдоа во Скопје со една порака – заокружување на процесот на уставни измени. Шефовите на австриската, чешката и на словачката дипломатија, ополномоштени и од високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, денеска, на серија средби и со претставници на власта и со претставници на опозицијата се обидуваат да го поттурнат заглавениот политички дијалог за, како што ја нарекуваат, стратешката цел – продолжување на пристапувањето кон ЕУ, чија идна динамика зависи од уставните измени.