Ова е коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на изјавата на премиерот дека нема разлика во политичките ставови меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, туку станува збор за мал и голем Груевски кој владее во опозициската партија
Кај (Димитар) Ковачевски проработел Фројд, можеби има лична фрустрација од мали работи и поради тоа прави споредба со тие мали работи.

Ова е коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на изјавата на премиерот дека нема разлика во политичките ставови меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, туку станува збор за мал и голем Груевски кој владее во опозициската партија
„Можеби и не треба да се коментираат овие ситни испади на Ковачевски, не знам дали тој воопшто заслужува, но сепак уште некое кратко време ќе ја врши функцијата каде што е. Ја слушнав таа изјава и морам да кажам дека кај г. Ковачевски проработел Фројд. Можеби тој има лична фрустрација од мали работи и поради тоа прави споредба со тие мали работи. Јас би го советувал дека тие мали работи, кои, претпоставувам, него го фрустрираат, не треба да го фрустрираат. Треба да гледа од позитивната страна на тоа, бидејќи уште малку време ќе биде таму каде што е, а потоа ќе замине. А некои мали работи коишто претставуваат негова лична фрустрација, за жал ќе мора цел живот да ги носи“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на скопската општина Кисела Вода во рамки на новата партиска кампања „Важно е! Од тебе зависат промените!“
Инаку, изјавата што денеска ја искоментира Мицкоски, премиерот ја даде завчера во гостување во Дневникот на ТВ Сител, а во контекст на последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ и препукувањата на отворена сцена меѓу актуелниот лидер на партијата и неговиот претходник Никола Груевски.

Според Ковачевски, во опозициската партија нема разлика во политичките ставови меѓу сегашниот и поранешниот лидер, односно станува збор за „мал Груевски и голем Груевски“.
„Јас не можам да се мешам во друга политичка партија, меѓутоа курсот што го имаат воопшто не се разликува од тоа што беше 11 години, ја држеа државата во изолација. Погледнете го ставот на сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тој е против интеграција на државата во ЕУ, тој цело време наоѓа изговори. Нема став, не покажува одлучност и веројатно поради тоа им се отвора таа дебата во однос на тоа кој е малиот, кој големиот Груевски во ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Ковачевски.
Тој во интервјуто ги демантираше и тврдењата на Мицкоски за наводна комуникација меѓу власта и Груевски, во контекст на измените на Кривичниот законик и уставните измени, а во чие средиште се најде уесбе, кое екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сега бегалец во Будимпешта, им го пратил на Али Ахмети и Талат Џафери.
„Јас уесбе немам видено веројатно 10 години бидејќи се користат други технологии за комуникација. И оние кои ги споменуваше ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека добиле било какво уесбе. Со Груевски никогаш не сум имал комуникација. Груевски го имам еднаш видено на отворањето на театарот. Јас бев претставник на компанијата во која во тоа време бев директор и бев определен да одам на отворањето, кое беше државен настан. Меѓутоа никогаш не сум имал никаква комуникација со бившиот претседател на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Ковачевски.
Инаку, Мицкоски и денеска од Кисела Вода го повика премиерот на лидерска средба на која, според него, треба да разговараат за термините за претстојните претседателски и парламентарни избори кои треба да се одржат догодина.
„Тој нека одлучи, еве јас јавно уште еднаш велам, треба да седнеме и да разговараме за рокови и за дати за да можеме да организираме два процеса кои се многу важни за Македонија, претседателските и парламентарните избори и да ги согледаме сите можни предизвици кои се поврзани со овие процеси. Стојам на располагање на оваа тема кога сака тој да седнам и да разговарам, за сѐ останато можеби не е добар соговорник Ковачевски бидејќи после поразот на парламентарните избори не е сигурна неговата иднина во рамките на партијата СДСМ“,
рече Мицкоски.
Досега, повтори Мицкоски, не се случило да нема лидерска средба на која ќе се договорат термини за избори и други прашања поврзани со овој процес.
„Не се случило да нема разговори во кои ќе се дефинира Изборниот законик затоа што таму има препораки од ОБСЕ и ОДИХР технички кои треба да бидат имплементирани некаде околу 12 на број. Не се случило на шест месеци пред избори да биде упатена покана до мониторинг-мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, треба да се дефинира дата за техничка влада. Ова се работи кои сакал Ковачевски или не сакал ќе се случат за неколку месеци од сега“,
рече Мицкоски.
Кога станува збор за термините, ставот на Мицкоски е двата изборни циклуси – претседателските и парламентарните да се одржат заедно на еден трошок.
„Логично е да има двојни избори за да се намали трошокот затоа што еден изборен процес е помеѓу 7 и 10 милиони евра кои ќе бидат потрошени и сега би било малку несмасно и некоректно од наша страна во услови на криза, во услови кога половина од населението гладува и едвај врзува крај со крај од први до први ние да зборуваме за одвоени изборни процеси. Уште повеќе што можеме да влеземе во политичка и уставна криза ако претседателските избори не бидат успешни и тогаш навистина влегуваме во еден сериозен проблем имајќи предвид дека 2025 година е повторно изборна година кога имаме локални избори. Нашата намера е само да помогнеме во процесот и само државнички да се однесуваме и цениме дека можеби најдобро за државата е да има заеднички избори, вториот круг претседателски да бидат заедно со парламентарни избори“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.