Хауард Лутник, кој во јули беше во посета на Скопје, е изборот на Доналд Трамп да го води неговиот потенцијален транзициски тим ако победи на ноемвриските избори за претседател на САД
Лутник беше во земјава како дел од делегацијата бизнисмени заинтересирана за можна соработка и инвестиции
Хауард Лутник е човек од глобалниот финансиски свет, но е име кое не е многу познато во Северна Македонија. За него јавноста, можеби и првпат, слушна откако Владата објави дека премиерот Христијан Мицкоски имал средба со делегација американски бизнисмени кои би можеле да инвестираат во земјава. Стануваше збор за луѓе, кои освен што имаат многу пари, имаат и одлични конекции со Доналд Трамп.
Уште една многу конкретна потврда дека овие бизнисмени се дел од блиското опкружување на кандидатот на Републиканската партија за претседател на САД стигна еден месец по нивната посета на Скопје. Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – „Кантор Фицџералд“ (Cantor Fitzgerald), е изборот на Трамп да го води неговиот потенцијален транзициски тим.
Транзициски тим во американскиот политички систем е телото што на новоизбраниот претседател му помага во периодот од изборите до инаугурацијата да го оформи ‘рбетот на идната администрација.
Во случајот на Доналд Трамп, за изборите 2024 година тој тим ќе го води токму Лутник заедно со Линда Мекмахон, двајцата големи поддржувачи, но и донатори на неговата кампања. На почетокот на месецот Лутник во својата резиденција во елитниот Хемптонс организирал настан за собирање донации за кампањата на Трамп – информациите се дека биле собрани 15 милиони долари.
Во овој транзициски тим, како почесни копретседавачи, ќе бидат и кандидатот за потпретседател Џеј-Ди Венс, како и синовите на Трамп, Доналд Трамп Помладиот и Ерик Трамп.
Лутник, како што веќе споменавме, на крајот на јули беше во Скопје и се сретна со владиниот врв.
„На средбата се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество. Исто така, беа разговарани повеќе можности за економска соработка во различни области во државата“,
објави Владата по средбата на која беа присутни половина од министрите.
Самиот премиер во телевизиско интервју потврди дека во делегацијата американски бизнисмени биле луѓе многу блиски до Трамп.
„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на ‘Рамбл“ (Rumble), која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација“,
изјави Мицкоски за ТВ Телма.
Тој тогаш ја навести можноста Лутник да биде вклучен во проектот на создавање „дигитален денар“.
„Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на Владата ќе разговараат поделени во два дела. Првиот е економски и тука пред се мислам на новите блокчејн-технологии, на криптовалутите и можностите како ‘дигиталниот денар’. И второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација, за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија“,
кажа Мицкоски.
Од преземањето на власта, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во неколку наврати, имаше средби или беше домаќин на луѓе од најблиското опкружување на Доналд Трамп.
Владата во средата информира дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имале состанок со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел, уште еден човек од доверба на Трамп. Тоа е втора средба Мицкоски-Гренел по онаа во Вашингтон за време на Самитот на НАТО.
На средбата, меѓу другото, биле анализирани и можностите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Според владиното соопштение, била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“ кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.