Според партијата на Села, премиерот и лидерот на опозицијата се договориле за сферата на правдата, каде имаат заеднички интерес да се спасат меѓусебно од одговорноста за Кочани, Модуларната блница во Тетово, ‘Беса Транс‘ и ‘Дурмо Турс‘ и другите трагедии и скандали што се случија во земјава
По денешната скандалозна средба премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче ги потврдија сите наши сомнежи и ги открија своите планови, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

„Тие се согласија да формираат работни групи во три области што се поврзани, се вкрстуваат или се од интерес за двајцата лидери. Ќе ја подготват реформата во здравството, сфера на интерес на Венко Филипче, каде се заобиколува актуелниот министер Арбен Таравари. Во енергетиката, сфера на интерес на Христијан Мицкоски, сопственикот на хидроцентралите и на крајот ‘правдата‘, каде Филипче и Мицкоски имаат заеднички интерес да се спасат меѓусебно од одговорноста за Кочани, Модуларната блница во Тетово, ‘Беса Транс‘ и ‘Дурмо Турс‘ и другите трагедии и скандали што се случија во земјава“,
се наведува во соопштението од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Оттаму велат дека овој договор е целосно игнорирачки за Албанците, а не ги третираат ниту нивните албански партнери во Владата.
„Овој договор е против граѓаните, по секоја цена сакаат да го заробат системот, да инсталираат диктатура како што одамна ја заробија и македонската опозиција“,
велат од партијата на Села.
Прашуваат што ќе биде со повторното судење за трагедијата во Модуларната болница, кога најодговорниот човек за таа болница ќе го води рефорскиот процес во име на правдата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со лидерот на СДСМ, Венко Филипче што се одржа во зградата на Владата.
Веднаш по средбата, Филипче изјави дека со Мицкоски се договориле да формираат заеднички тела или работни групи во делот пред сè на спроведување на реформската агенда.
„Првичните закони коишто треба да стигнат во Собранието во делот на правосудството, нешто што ги тангира сите, понатаму енергетиката и некои работи во однос на стратешките движења и проекти во здравството“,
рече тој.
Филипче уште еднаш нагласи дека не станува збор за етнички состанок.
Во пресрет на средбата, опозициската ДУИ повторно обвини дека на средбата ќе биде демонстрирана моноетничка коалиција која има за цел да го преобликува политичкиот модел на државата од мултиетничка во моноетничка демократија.