Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го критикува за неактивност шефот на државата, посочувајќи дека тој не ги коментирал последните случувања во земјава ниту, пак, презел нешто за енергетската криза која, според него, е и безбедносна
Пендаровски е исчезнат, јас не знам каде е освен што мене ме критикува по нарачка, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Страчинце, Гази баба, одговарајќи на новинарско прашање дали е за лидерска средба со оглед на последните случувања на политичката сцена.
„Лидерска средба секогаш може да се случи, но не гледам на која тема. Со кого сега да седнеме, со Пендаровски? Јас не знам, Стево Пендаровски е исчезнат. Го слушнавте ли, даде ли тој некој коментар за ова што се случува во Македонија. Јас не го гледам. Единствено мене што ме критикува одвреме-навреме, кога ќе добие нарачка од Зоран Заев, јас друго не сум го слушнал дека преземал за народот што го гласаше. затоа што енергетската криза подразбира и безбедносна криза, а тоа е негова ингеренција. Јас не сум го слушнал да излезе да побара да се обрати пред пратениците, да организира нешто“,
изјави Мицкоски.
Во врска со најавената реконструкција или избор на нова влада, Мицкоски рече дека ништо не очекува затоа што, како што рече, оваа гарнитура е делигитимирана на локалните услови.
Рече и дека не е песимист туку оптимист дека С Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ во декември.
„Не е работата дали Димитров ќе биде секундант и ќе ги брои месеците и деновите до тој момент. Во Брисел треба да се состане Европскиот совет. Јас сум шокиран ако се европски вредности да зборуваме за иднината така што ќе се враќаме два века назад. Но знам дека тоа не се европски вредности. Верувам дека сите земји членки овој пат ќе ја вразумат Бугарија и ќе промовираат вистински европски вредности“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи исто така дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори не е поврзано со датумот за почеток на преговори со ЕУ, во зависност од тоа дали ќе биде успешен исходот за С Македонија на Европскиот совет во декември.
„Барањето за избори не е поврзано со датумот за преговори. Ако повторно нема почеток на преговори, ќе го разочараме народот, а предвремени избори треба да се одржат уште утре, затоа што народот ја делегитимираше оваа власта. Датумот за предвремени избори не е поврзан. Имаме делгитимирана власт и Европски совет кој треба да одлучи за старт на преговорите со ЕУ, затоа тие две работи не се поврзани“,
рече Мицкоски.