Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, ја обвинува власта дека четири месеци не успеале да набават вакцини против ковид-19. Тој вели дека се потврдила и информацијата, што вчера ја објави ВМРО-ДПМНЕ, дека авансот за кинеските вакцини бил вратен.
„Вчера кажавме дека ја лажат македонската јавност, дека авансот за кинеските вакцини е вратен. Денеска официјално потврдија. Нема да избегате од одговорноста за тоа што не успеавте четири месеци да нарачате вакцини. Вие сте срам за Македонија. Неспособни и крајно корумпирани. Заради вас умираат луѓе, заради вашата неспособност имаме сериозен трет бран на новозаболени. И пак не ви е гајле, бизнисот со корупција мора да тера, а народот секако ќе пати. Ви се гледа крајот, нема да ве оставиме на мира“,
пишува Мицскои на својот профил на Фејсбук.
Во врска со авансот за кинеските вакцините, Министерството за здравство, потврди дека тој е повлечен, но тврдат дека договорот за набавката на 200 илјади вакцини останува.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината ‘Синофарм’, по барање на кинеското МНР беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против ковид-19 од производителот ‘Синофарм’ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја“,
велат од Министерството за здравство.
Вечерва и министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека повлекувањето на авансот е поради сигурност и додава дека вакцините ќе стигнат.
„Со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа многу често ни укажуваат, затоа се врати делот од средствата. Меѓутоа навистина преговорите овие денови, па дури и за време на викендот се во последна фаза и мислам дека целокупниот процес ќе се заврши и навистина вакцините за многу кусо време ќе пристигнат во нашата земја“,
рече Филипче.
Мицкоски, вчера кратко информираше дека по забележани првични симптоми, ги добил и резултатите од тестирањето на ковид-19 кои покажуваат дека е позитивен.
„Иако, ги почитував препораките на здравствените лица, сепак се покажа дека не секогаш тоа е доволно. Чувајте го вашето здравје. Ќе го поминам и ова и на крај ќе победиме за нашата иднина“,
информираше Мицкоски.