СДСМ со ова раководство, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не бил во полоша состојба и не би било во ред двајца-тројца да ја згаснат оваа партија која сепак има своја традиција

Не бидете заложници на Али Ахмети и не дозволувајте Еди Рама да ја создава идната влада на Македонија.
Вакви пораки испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до пратениците од СДСМ зборувајќи за предложената реконструкција на Владата, а по вчерашниот собраниски говор на пратеничката Сафије Садики-Шаини од Алтернатива која рече дека и албанскиот премиер Еди Рама и членови на семејството на Адем Јашари (еден од основачите на ОВК) барале од нив да влезат во Владата во ноември 2021 година, кога беше договорена коалицијата со тогашниот премиер Зоран Заев.
„Вчера во парламентот слушавме пратеничка од Алтернатива, која јавно кажа дека за време на ноемвриските настани 2021 година македонската влада ја составувал Еди Рама и член на семејството на Адем Јашари. Ковачевски со ова само потврдува дека е слеп послушник на Али Ахмети и уште пострашно на Артан Груби. СДСМ со ова раководство никогаш не бил во полоша состојба. Тоа е работа на членовите и активистите, но моја работа како граѓанин е да го искажам својот револт бидејќи сепак тоа е партија која е присутна повеќе од три децении како наследник на Сојузот на комунисти и можеме да кажеме дека има своја сопствена традиција и не би било добро овие луѓе да го згаснат СДСМ“,
изјави денеска Мицкоски од Кавадарци.
Тој и понатаму тврди дека има пратеници од СДСМ што даваат знаци спротивни на раководството и апелира до нив, и покрај заканите за кои вели дека ги имаат, да се одважат и да застанат против нив.
„Застанете му на пат на раководството или да бидам попрецизен на двајца-тројца од раководството кои ја уништуваат иднината на Македонија и македонскиот народ. Немојте да бидете заложници на Али Ахмети, немојте да дозволите Еди Рама да ја создава идната влада на Македонија. Охрабрете се, одважете се, ова е наша заедничка Македонија. Немојте да дозволите Еди Рама и Али Ахмети да ја водат оваа Македонија во пропаст, нивен интерес е Македонија да биде слаба, ограбена, на колена. Застанете до нас, подадете рака како Македонец на Македонец, немојте да дозволите овие двајца криминалци во раководството на СДСМ, кои имаат интерес само за провизии, да ве втурнат во пеколот што ѝ го подготвуваат на Македонија“,
рече Мицкоски.